Судскиот процес за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ продолжува денеска во судницата во Идризово, каде повторно треба да се изведуваат материјални докази предложени од Обвинителството. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На претходното рочиште, вниманието беше насочено кон наодите од Институтот за судска медицина. Директорот на Институтот, Александар Станков, пред судот зборуваше за причините за смртта кај жртвите, посочувајќи дека кај најголем дел од нив таа настапила како последица на труење со јаглероден моноксид, гас што брзо се шири при пожари во затворени простории. Кај дел од починатите било утврдено и присуство на водороден цијанид, кој дополнително го засилил токсичното дејство.
Дел од сведоците не се појавија во судницата, поради што беа прочитани нивните претходно дадени искази во Обвинителството. На тоа реагираше одбраната, која оцени дека станува збор за сведоци важни за расчистување на околностите, особено во делот поврзан со наводното користење и поставување на прскалки во објектот.
Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко побара дел од постапката да биде затворен за јавноста, наведувајќи дека постојат закани по неговиот живот. Судот не го прифати барањето, со образложение дека досега во записниците не се евидентирани потврдени закани.
Случајот дополнително ја разбранува јавноста по вчерашната прва пресуда во еден од одвоените предмети поврзани со трагедијата. Тројца полициски службеници добија условни казни, што предизвика реакција од Здружението на граѓани „16 март 2025“. Оттаму оценија дека ваквиот исход не претставува вистинска правда за семејствата на загинатите и повредените.
Според здружението, за злоупотреба на службена должност законски се предвидуваат и затворски казни до десет години. Тие порачаа дека условните казни ја продлабочуваат болката кај семејствата и отвораат прашања за тоа колку системот навистина одговорил на една од најтешките трагедии во земјата.