Во судницата во Идризово денеска продолжи судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.
На рочиштето продолжи доказната постапка, при што Обвинителството презентираше материјални докази поврзани со работењето на клубот. Меѓу документите што беа изведени пред судот се дозволи, лиценци и елаборати изработени за дискотеката „Пулс“.
Според информациите од судницата, дел од документите биле потпишани во присуство на едно од одговорните лица во клубот, Митко Стојанов.
Денешното рочиште помина во потензична атмосфера од вообичаено, откако обвинетиот Шабан Салиу, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување и актуелен министер без ресор, двапати се обидел да паркира на места предвидени за обвинителите и за семејствата на жртвите.
Според информациите од местото на настанот, по расправија со полициските службеници кои го регулирале паркирањето, возилото на крајот било отстрането од неговиот адвокат.
Судењето денеска го следеше и словенечкиот амбасадор во земјава, Грегор Прескер, кој пред неколку недели оствари средба со семејствата на жртвите.
Тој кратко изјавил дека присуствува на процесот затоа што станува збор за едно од најзначајните судења во јавноста и сакал да види како се одвива постапката.
Доказната постапка ќе продолжи и во наредниот период, а се очекува Обвинителството да презентира дополнителни материјали поврзани со трагедијата во „Пулс“.