Акцискиот план за контроли стана клучен доказ на судењето за „Пулс“

Во Кривичниот суд почна доказната постапка против 13 полициски службеници поврзани со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Деветмина од нив, според обвинението, биле во објектот неколку минути пред пожарот во кој загинаа 63 лица.

Акцискиот план за контрола на угостителски објекти е еден од главните докази што денеска беа предложени во судскиот процес против 13 полициски службеници, обвинети за тешки дела против општата сигурност во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи постапката против третата и најголема група полициски службеници обвинети во врска со трагедијата. Откако на претходното рочиште сите 13 обвинети се изјаснија дека не се виновни, денеска почна доказната постапка, а обвинителството читаше дел од предложените материјални докази.

Според обвинението, дел од обвинетите одобриле план за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на ПС Кочани без да проверат дали тој ги опфаќа сите проверки во надлежност на МВР и дали се почитувани стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при полициско постапување.

Обвинителството тврди дека по тој план било постапено на 16 март 2025 година во кабарето „Пулс“, каде што во моментот на контролата имало голем број луѓе и каде што настапувала групата „ДНК“. Според наводите во обвинението, полициските службеници не презеле мерки за да спречат активирање пиротехничка опрема на сцената, чие користење не било пријавено во полициската станица во Кочани.

Во пожарот што избувна во дискотеката загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Обвинителството ги товари полициските службеници дека со непостапувањето по прописите за мерки за заштита придонеле да настапат тешките последици, но вината ќе ја утврдува судот во текот на постапката.

Од следното рочиште треба да почне сослушувањето на сведоците. За обвинетите се во сила мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање живеалиште, обврска за јавување кај надлежен орган, привремено одземање патни исправи и забрана за вршење определени работни активности како полициски службеници.

Судењето против оваа група е дел од поширокиот судски процес поврзан со трагедијата во „Пулс“, за која се водат повеќе постапки против различни групи обвинети. Во фокусот на овој предмет е прашањето дали контролата што требало да спречи ризик останала само план на хартија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс