Со изведување материјални докази од страна на Обвинителството, денеска во импровизираната судница во затворот „Идризово“ треба да продолжи судењето за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Во досегашниот тек на судскиот процес, Обвинителството презентираше серија докази поврзани со инспекциските надзори за угостителска дејност што биле спроведувани од Општина Кочани.
Докази за инспекциски надзори и надлежности
Во доказниот сет беа презентирани извештаи за работа на инспекторите, овластувања на градежни инспектори, како и документација за вршење заеднички инспекциски и теренски надзори.
Обвинителството приложи и решенија за вработување овластени градежни инспектори, кои, според обвинителите, се релевантни за утврдување на надлежностите и одговорностите во периодот пред трагедијата.
Пред судскиот совет беа презентирани и планови за квартални инспекциски контроли, годишни програми и службени документи на Дирекцијата за заштита и спасување, потпишани со името на Шабан Салиу, кој од 2012 до 2017 година беше директор на оваа институција.
Документи за обезбедувањето на објектот
На едно од претходните рочишта беа изведени и докази за Агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“.
Тие се однесуваа на околности поврзани со обезбедувањето на објектот во кој се наоѓала дискотеката „Пулс“, планот за надзор и обезбедување, дозволата за работа, листата на вработени, како и доказен материјал обезбеден од извршени претреси во канцеларии и возила.
Обвинителството презентираше и Договор за патролно осигурување меѓу „Рубикон секјурити солушнс“ и „ММММ Кафе ДООЕЛ“, како и записник од инспекциски надзор за безбедност и здравје при работа.
Сопственичка и правна историја на објектот
Претходно, Обвинителството изведе и докази за самиот објект, неговата сопственост и движењето на имотот, односно целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на просторот каде што се наоѓала дискотеката.
Во судницата беа презентирани документи за правниот статус на објектот согласно урбанистички планови, геодетски елаборати, барање за легализација од 2011 година за делот од објектот кој се третирал како бесправен, записници од извршени надзори, договор за закуп, како и записник од одземени предмети и документи во дискотеката по пожарот.
Презентирани беа и фотографии од внатрешноста на дискотеката „Пулс“ по нејзиното реновирање, обезбедени преку вештачење на мобилниот телефон на првообвинетиот Дејан Јованов. Обвинителството нагласи дека за тие зафати во институциите нема официјална документација.
Објект за лесна индустрија користен како дискотека
Од материјалните докази поврзани со Општина Кочани и дискотеката, во судницата беше прочитан записник од извршен вонреден надзор, во кој биле утврдени неправилности.
Според презентираниот документ, објект со одобрение за лесна индустрија со години се користел како дискотека без одобрение за пренамена.
Беше изведен и документ од 2012 година со кој Општина Кочани барала од Министерството за економија да не се издава лиценца за работа, бидејќи паркинг-просторот бил наменет за лесна индустрија, а не за ноќен клуб.
Одбраната оспорува дел од доказите
Одбраната на обвинетите во досегашниот тек на постапката реагираше дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и побара тие да не бидат изведени.
Адвокатите ја оспоруваат законитоста на прибирањето на дел од доказниот материјал, додека Обвинителството продолжува со презентирање документи за кои тврди дека се важни за утврдување на одговорноста.
Покрај тоа, Обвинителството презентираше и записник за пронајдени и одземени предмети на лице место — од лични документи, лаптопи и каса со пари, до 140 влезни билети во кочан на дискотеката.
Една од најтешките трагедии во поновата историја
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на музичката група ДНК, и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.