Најмалку 25 повредени во тешката железничка несреќа во Хрватска

Во сударот меѓу патнички и товарен воз шест лица се потешко повредени, а сообраќајот на делницата е прекинат

Најмалку 25 лица се повредени, од кои шест потешко, во директен судар меѓу патнички и товарен воз кај Крижевци во Хрватска. Несреќата се случи на линијата меѓу Свети Иван Жабно и Градац, а повредените веднаш се пренесени во болниците во Загреб, Бјеловар и Копривница. Според болнички извори, никој од нив не е во животна опасност.

Деталниот преглед покажа дека меѓу 25-те повредени патници, шестмина имаат потешки повреди, но сите се во стабилна состојба. Стужбите за итна медицинска помош ги распределија повредените во болничките центри во Загреб, Бјеловар и Копривница. Дел од патниците по укажаната прва помош се пуштени на домашно лекување.

Екипите на терен работеа во текот на целата ноќ за расчистување на местото на несреќата во Шкрињари. Сите вагони од теретниот воз се веќе отстранети, додека за патничкиот електробатериски воз е ангажиран стручен тим од компанијата „Кончар“ поради специфичноста на батерискиот систем. Оштетувањата на самата пруга не се тешки и по замената на неколку прагови, надлежните од „ХЖ Инфраструктура“ очекуваат железничкиот сообраќај повторно да се нормализира в понеделник.

Увидот на терен го водеше заменик-јавниот обвинител од Бјеловар со поддршка на полицијата и сообраќајните инспекции. Додека трае санацијата, на делницата меѓу Свети Иван Жабно и Градац патниците се превезуваат со заменски автобуси. Официјалните причини за несреќата сè уште не се познати и се предмет на започната истрага.

е-Трн да боцка во твојот инбокс