Судот на Европската Унија донесе пресуда според која на барателите на азил мора да им се обезбеди повеќе од само минимални услови за преживување, вклучувајќи пристап до основни животни потреби како облека и средства за хигиена. Одлуката се однесува на случај на авганистански барател на азил во Германија, чијашто постапка завршила пред Судот на ЕУ откако неговите бенефиции биле значително намалени.
Основни животни потреби не смеат да се ускратат
Судот утврди дека државите членки не смеат да ги лишат барателите на азил од основни потреби, дури и кога нивните барања се одбиени или се во процес на преместување во друга земја.Во пресудата се наведува дека облеката претставува една од најосновните човечки потреби, додека паричните надоместоци за секојдневни потреби овозможуваат минимално учество во општествениот и културниот живот. Според судот, ваквите мерки се клучни за заштита на физичкото и менталното здравје на лицата кои се во азилантска постапка.
Случајот од Германија
Станува збор за афганистански државјанин кој поднел барање за азил во Германија во 2021 година, а неговото барање било одбиено следната година како „неприфатливо“. Додека чекал преместување во друга држава членка на ЕУ, добивал сместување, храна и здравствена грижа, но не и средства за облека и други основни потреби. Германските власти во тој период ги намалиле паричните надоместоци за одбиените баратели на азил, што предизвика правен спор кој заврши пред Судот на ЕУ.
Хуманитарните организации ја поздравија пресудата, истакнувајќи дека таа ја потврдува обврската на државите да обезбедат достоинствени услови за живот. Сепак, дел од политичките кругови во Европа се залагаат за построги правила и намалување на социјалните бенефиции за азилантите, тврдејќи дека тоа би ја намалило миграцијата.
Можно влијание на новиот миграциски пакт
Иако пресудата ја зајакнува заштитата на правата на барателите на азил, постојат дилеми околу нејзиниот ефект во пракса, бидејќи од 12 јуни започнува примена на новиот миграциски пакт на ЕУ. Експерти предупредуваат дека новите правила би можеле да овозможат намалување на одредени надоместоци, иако државите и понатаму се обврзани да обезбедат минимален животен стандард според правото на ЕУ.
Пресудата сепак се смета за важен сигнал дека достоинствениот живот мора да биде гарантиран за сите лица во азилантска постапка.