Студија на „Еурофаунд“: Југот стравува од пожари, истокот од недостаток на вода, а северот останува најбезбеден

Големото европско истражување покажува дека југот и истокот на континентот ги трпат најтешките удари, додека финансиската немоќ на милиони граѓани да си дозволат клима-уреди ги претвора нивните домови во опасни стапици.

Европските граѓани се соочуваат со уште еден рекорден топлотен бран, но последиците од овие екстремни климатски настани не се распоредени еднакво низ Стариот континент. Според најновото заедничко истражување на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) и фондацијата „Еурофаунд“, дури четири од пет Европјани изјавиле дека веќе биле директно погодени од екстремните временски неприлики, но интензитетот и видот на опасноста силно варираат од регион до регион.

Најкритична е состојбата во јужна и во централно-источна Европа, каде што повеќе од 85 проценти од населението се соочило со сериозни климатски нарушувања – почнувајќи од опасни топлотни бранови на отворено, па сè до неподносливи температури во затворените простории. Југот на Европа дополнително се бори и со катастрофални шумски пожари и густ чад.

Оваа појава ја пријавиле дури 41 процент од испитаниците во Грција, 35 проценти во Португалија и 20 проценти во Кипар, што е далеку над европскиот просек кој изнесува скромни 8 проценти. Наспроти нив, земјите како Австрија (26%) и Словенија (19%) се соочуваат со сосема поинаков климатски предизвик, пријавувајќи големи проблеми со поплави.

Покрај географијата, клучна улога во тоа колку силно ќе ве погоди жештината играат личните приходи, квалитетот на домувањето и здравствената состојба. Податоците се алармантни: речиси 40 проценти од граѓаните на Европа воопшто не можат да си дозволат финансиски да го разладат својот дом за време на летните пикови. Кај семејствата кои едвај врзуваат крај со крај, овој процент се искачува на над 66 проценти, што предизвикува огромен страв за иднината. Регионално, 46,1 процент од жителите во централно-источна Европа немаат пари за разладување, наспроти 30,1 процент во побогатиот север.

Ваквите социјални разлики носат и различни зони на загриженост. Додека повеќе од 60 проценти од луѓето на југот на континентот се длабоко загрижени за идните температурни екстреми (што е двојно повеќе од северот), во централно-источна Европа повеќе од половина од испитаниците стравуваат дали во иднина воопшто ќе имаат пристап до безбедна вода за секојдневна употреба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс