Студија: Бебињата кои се доени спијат подолго во првата година од животот

Jапонско истражување покажува дека ексклузивното доење во првите шест месеци е поврзано со поквалитетен и подолг сон кај едногодишните деца.

Бебињата кои биле исклучиво доени во првите шест месеци од животот имаат поголема веројатност да спијат подолго кога ќе наполнат една година, покажува голема јапонска студија објавена во списанието European Journal of Clinical Nutrition.

Истражувачите анализирале податоци од 82.918 мајки и нивните деца, при што ги споредиле навиките за исхрана во првите шест месеци со должината на спиењето на возраст од една година. Според препораките на американската Национална фондација за сон, помалку од 11 часа сон во текот на 24 часа се смета за недоволен сон за дете на оваа возраст.

Резултатите покажале дека децата кои биле доени, дури и делумно, имале помал ризик од краток сон во споредба со оние кои биле хранети исклучиво со адаптирано млеко. Најдобри резултати биле забележани кај бебињата кои шест месеци биле исклучиво доени, кај кои ризикот од недоволно спиење бил за околу 23 проценти помал.

Научниците сметаат дека една од причините е тоа што составот на мајчиното млеко се менува според потребите на бебето. Дополнително, во ноќните часови мајчиното млеко содржи повисоко ниво на мелатонин – хормон кој помага во регулирањето на циклусот на спиење и будење.

Светската здравствена организација препорачува ексклузивно доење во првите шест месеци од животот поради бројните придобивки за здравјето и развојот на детето. Воедно, експертите потсетуваат дека секое бебе и секоја мајка се различни. Доколку доењето не е можно, употребата на адаптирано млеко е безбедна и соодветна алтернатива, без причина за осуда или чувство на вина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс