Студентите во Северна Македонија наскоро ќе се соочат со нови правила за сместување во студентските домови. Со измените на Законот за студентски стандард, кои Министерството за образование и наука планира да ги донесе во текот на јули, а да почнат да се применуваат од октомври, се воведува максимална возрасна граница од 30 години за престој во студентски дом, како и построги санкции за нарушување на куќниот ред.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека измените се резултат на злоупотреби на системот, при што биле откриени лица кои и по неколку децении останувале сместени во студентски домови.
„Детектиравме студенти кои со години законски наоѓале начин да останат во домовите, препишувајќи години на факултетите и користејќи сместување по цена од околу 3.400 денари месечно, со покриени трошоци. Имаме случаи и на лица на околу 40-годишна возраст кои сè уште живеат во студентски дом“, рече Јаневска.
Забрана до пет години за потешки прекршоци
Со законските измени се воведува и нов дисциплински систем. Студентите кои ќе бидат фатени како консумираат алкохол во собите, уништуваат инвентар или се однесуваат насилно, навредливо или заканувачки, ќе може да добијат забрана за сместување во студентски дом од една до пет години.
Покрај тоа, како прекршоци се наведуваат и дискриминација, физичко или психичко малтретирање, непочитување на вработените, нарушување на куќниот ред.
Студентите бараат ред, но и одговорност од институциите
Претседателката на Универзитетското студентско собрание, Ангела Василевска, смета дека новите правила ќе придонесат за побезбедни студентски домови и повисок студентски стандард. Според неа, санкциите треба да бидат пропорционални на прекршокот и нивната цел не треба да биде само казнување, туку и превенција и развивање чувство на одговорност кај студентите.
Од студентската организација „Студентарија“ ја поддржуваат потребата од ред, но бараат одговорност и од управите на студентските домови.
„Одговорноста треба да биде двонасочна. Ако студентите се санкционираат за прекршувања, тогаш и институциите треба да одговараат кога не ги почитуваат правата и достоинството на студентите“, изјави Гоше Николов.
Поблаги мерки за полесни прекршоци
За прекршоци од помал обем, законските измени предвидуваат поблаги дисциплински мерки, како усна опомена, писмена опомена, јавна опомена и привремено исклучување од студентскиот дом. Конечната санкција ќе ја определува надлежна дисциплинска комисија, врз основа на тежината на прекршокот и околностите во конкретниот случај.