Што е ебола и како се шири?

Ебола е ретка, но тешка и често смртоносна вирусна болест. Се пренесува преку контакт со заразени телесни течности, а симптомите може да се појават од 2 до 21 ден.

Ебола е ретка, но многу тешка и често смртоносна болест што ја предизвикува вирус. Постојат три вида вируси на ебола кои предизвикуваат епидемии, а актуелната епидемија ја предизвикува сојот познат како Бундибуџо.

Како се пренесува?

Вирусот се пренесува меѓу луѓето преку контакт со заразени телесни течности, како крв, повраќаница или други излачувања.

Колку е смртоносна?

Во претходни епидемии предизвикани од вирусот ебола Бундибуџо починале околу 30 проценти од заразените. Општата стапка на смртност кај еболата, според податоците на Светската здравствена организација, изнесува околу 50 проценти.

Колку трае инкубацијата?

Симптомите може да се појават меѓу два и 21 ден по заразувањето, пишува Би-Би-Си.

Кои се симптомите?

Болеста обично почнува нагло, со симптоми слични на грип — покачена температура, главоболка, умор и болки во мускулите.

Како што болеста напредува, се јавуваат повраќање, дијареја и откажување на органите.

Кај некои пациенти доаѓа до внатрешно и надворешно крварење.

Од каде доаѓа еболата?

Епидемиите обично почнуваат кога човек ќе се зарази преку контакт со заразени животни, најчесто овошни лилјаци.

Постои ли вакцина?

Постојат вакцини за сојот ебола Заир, но во моментов не постои одобрена вакцина за варијантата Бундибуџо, која е одговорна за актуелната епидемија.

Еболата првпат е откриена во 1976 година на подрачјето на денешна Демократска Република Конго, а се верува дека вирусот се проширил од лилјаци. Ова е веќе 17. епидемија на ебола во таа земја.

Колкав е ризикот од пандемија?

Здравствените власти предупредуваат дека постои висок ризик од понатамошно ширење на болеста поради големото движење на населението, урбаните жаришта и рударските активности во погодените подрачја. Особено се загрижени поради можно регионално ширење во соседните земји.

Во последните 50 години од ебола во африканските држави починале околу 15.000 луѓе. Најсмртоносната епидемија во ДР Конго траеше од 2018 до 2020 година, кога починаа речиси 2.300 лица.

Минатата година уште една епидемија во оддалечен регион однесе 45 животи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс