Пожарот што вчера попладне избувна на ридовите кај викенд-местото Плуждино, над градските гробишта во Штип, е локализиран во текот на ноќта.
Во гаснењето учествувале пожарникари од Територијалната противпожарна единица во Штип, доброволци од Територијалното доброволно противпожарно друштво, месното население и дополнителни екипи од други градови.
Огнот во текот на ноќта почнал да се шири кон населбите Кадидере и Ридарска Чешма во штипско Ново Село, како и кон црквата „Свети Спас“.
Според првичните информации, пожарот најверојатно бил предизвикан од грмотевици и силно електрично празнење во опожареното подрачје.
Од штипската противпожарна единица информираат дека се интервенирало со неколку противпожарни камиони и четири специјални теренски возила, бидејќи станувало збор за тешко пристапен предел.
Во пожарот гореле трева и грмушки, а во близина имало и пошумени појаси со борова шума, лозови и овошни насади.
Во текот на ноќта била побарана помош и од противпожарните единици од Кавадарци, Свети Николе и Кочани.
На терен бил и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој изјавил дека пожарот е под контрола и дека нема место за паника.
Мобилниот штаб на Општина Штип бил во постојана комуникација со Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.
Во текот на денот треба да се утврди дали има материјална штета и што точно го предизвикало пожарот.