Нови учебници ќе добијат учениците од прво до трето одделение, додека за деветто одделение и трета година средно нови наставни програми и учебници се најавуваат за следната година.
Учениците од прво до трето одделение и оваа година ќе ја започнат учебната година со нови учебници, чија испорака, според Министерството за образование и наука, почнала порано од вообичаено. Но деветтоодделенците и учениците од трета година средно и годинава ќе користат стари учебници.
Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека системот за набавка и испорака на учебници е стабилизиран и дека проблемот со навремената достава е надминат.
Според МОН, нови комплети учебници од прво до трето одделение, во тираж од околу 250 илјади примероци, биле набавени и испорачани уште во април. Во следните денови треба да почне и испораката на учебниците за повисоките одделенија во основното и средното образование.
Исклучок ќе бидат учебниците за деветто одделение и за трета година средно. Според Јаневска, за овие ученици следната година треба да се изработуваат нови наставни програми, а потоа и нови учебници.
Тоа значи дека наставниците и оваа учебна година ќе треба да го приспособуваат материјалот, додека учениците ќе користат учебници изработени според стара програма.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека навремената испорака на учебници треба да биде нормална работа, но додаде дека е жално што „во време на вештачка интелигенција и современи технологии“ јавноста се радува на доставени учебници.
Директорот на Педагошката служба, Роберт Аџипетров, информираше дека годинава има најголем поврат на средства за оштетени или изгубени учебници, што, според него, покажува дека профункционирал механизмот за поголема одговорност.