Српската дијаспора масовно се пријавува за гласање на престојните избори

Дупло повеќе иселеници бараат гласачки места, додека дипломатските претставништва не одговараат на илјадници барања.

Рекордни 75.000 државјани на Србија се пријавија за гласање во странство на претстојните парламентарни избори, соопшти Републичката изборна комисија (РИК). Оваа бројка е двојно поголема во однос на претходниот изборен циклус. Рокот за регистрација истекува на 3 октомври на полноќ. Истовремено, голем број граѓани тврдат дека со денови не добиваат никаков одговор од српските амбасади и конзулати за тоа дали нивните пријави се прифатени.

Голем дел од пријавените гласачи надвор од Србија сè уште не знаат дали ќе можат да го искористат своето гласачко право во градовите каде што живеат или ќе мора да патуваат стотици километри. Членката на РИК, Софија Мандиќ, посочува пример со Франција каде што 81 граѓанин поднел барање за отворање гласачко место во Тулуз. За нив најблиската алтернатива е Париз, оддалечен 700 километри.

За да отвори гласачко место надвор од дипломатските седишта, РИК мора прво да добие официјален предлог од Министерството за надворешни работи. Според Мандиќ, наместо поддршка за граѓаните што ги исполниле условите, од министерството пристигнуваат негативни одговори, со впечаток дека администрацијата е затекната од масовниот одѕив.

Правните експерти ги советуваат граѓаните што не добиле потврда од амбасадите сами да го проверат својот статус во Единствениот избирачки список преку официјалната страница на Министерството за државна управа и локална самоуправа. Павле Димитријевиќ од организацијата Црта изјави дека иселениците сами вложуваат максимални напори за да ги надминат пропустите што ги прави државната администрација.

Од Министерството за надворешни работи тврдат дека нивните служби работат со засилен капацитет и отфрлаат какви било обвинувања за намерна опструкција. Спротивно на тоа, претставниците на иницијативата ПроГлас изразуваат сомнеж во намерите на власта. Професорот на Правниот факултет во Белград, Миодраг Јовановиќ, оценува дека власта свесно го ограничува остварувањето на уставното право на глас за голем број граѓани, пресметувајќи дека тоа носи помала политичка штета за актуелниот режим.

е-Трн да боцка во твојот инбокс