Украинскиот претседател Володимир Зеленски оствари ненадејна средба со директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, на ирскиот аеродром Шенон, потврдија два неименувани извори за агенцијата Ројтерс. Средбата се случила додека авионите на двајцата функционери точеле гориво, на патот на Зеленски кон Њујорк каде што учествува на Генералното собрание на ОН.
Разговорот меѓу украинскиот претседател и првиот човек на американското разузнавање бил краток и неформален. Деталите за содржината на разговорот засега остануваат доверливи.
Зеленски патува за Њујорк на дипломатска мисија на високо ниво, каде што покрај настапите во ОН има закажано и директна средба со американскиот претседател Доналд Трамп. Ретклиф, пак, се враќаше од Каиро, по средбата со египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси.
Контактите во Ирска доаѓаат помалку од еден месец откако Ретклиф престојуваше во Москва на разговори со високи претставници на руските разузнавачки служби.
Главна тема на тие руски средби беше токму ситуацијата во Украина. Според претходните извештаи на „Њујорк тајмс“, директорот на ЦИА во Москва им пренел на руските власти неповолни проценки за нивната позиција на фронтот, повикувајќи ги на договор пред условите за нив дополнително да се влошат. Доналд Трамп подоцна ја омаловажи важноста на таа посета, нарекувајќи ја рутинска.