Вечерата влијае на сонот и изборот на појадок следното утро

Ново истражување открива дека вечерниот оброк влијае врз квалитетот на сонот и изборот на појадок следниот ден.

Она што го јадеме навечер не влијае само на квалитетот на сонот, туку и на изборот на појадок следниот ден. До овој заклучок дошле научници од Универзитетот во Гранада во студија објавена во списанието European Journal of Nutrition.

Истражувањето покажало дека постои силна поврзаност меѓу вечерниот оброк, сонот и навиките во исхраната. Научниците следеле мажи и жени со прекумерна тежина во период од 14 дена, при што учесниците ги бележеле оброците, а нивниот сон бил анализиран со специјални уреди.

Според резултатите, вечери богати со калории, масти, алкохол, пржена храна и црвено месо се поврзуваат со послаб квалитет на сон. Од друга страна, оброци со повеќе јаглехидрати, маслиново масло и масна риба придонесувале за подобар одмор во текот на ноќта.

Истражувачите откриле и дека лошиот сон влијае врз изборот на храна следното утро. Луѓето кои спиеле пократко или имале прекинат сон почесто избирале појадок со повеќе шеќери и помалку влакна. Подолгиот и поквалитетен сон, пак, бил поврзан со поздрави утрински навики.

Научниците сметаат дека исхраната и сонот се дел од ист циклус кој секојдневно се повторува. Иако студијата не докажува директна причинско-последична врска, резултатите покажуваат дека мали промени во вечерниот оброк можат да имаат влијание врз сонот и изборот на храна следниот ден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс