Стручни лица од повеќе институции во Македонија кои работат со деца и родители/згрижувачи со предизвици во грижата како резултат на трауматски искуства во детството, како и професионалци од институциите одговорни за градење капацитети на стручните лица ги унапредија своите вештини и знаења за како поефективно да ги поддржат децата и семејствата.
На обуките за дијадна развојна психотерапија организирани од СОС Детско село кои завршија вчера, а предводени од една од водечките експертки во областа и клинички психолог, Ким Голдинг од Обединетото Кралство, учествуваа претставници на Центрите за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско село во Скопје, Кавадарци и Струмица, на ЈУ Дом за деца „11 Октомври“ – Скопје, на ЈУ Дом за доенчиња и мали деца – Битола, како и од советувалиштата за родители и деца на СОС Детско село, и од Заводот за социјални дејности.
Со вклучување на професионалци од различни институции, СОС Детско село Македонија придонесува кон создавање усогласен и конзистентен пристап во работата со деца и семејства, вклучително и деца кои искусиле трауматски искуства и инвестира во современи пристапи и континуирано учење во заедницата. Тоа значи дека децата и семејствата ќе имаат можност да добијат поквалитетна, координирана и континуирана поддршка, без разлика низ кои системи и процеси поминуваат.
Пристапот кон деца со трауматски искуства бара современи, стручно засновани метододи и техники за грижа кои се фокусираат на односот, емоционалната сигурност и долгорочниот развој. Токму затоа, преку циклус обуки за Дијадна развојна психотерапија (ДДП) – основно ниво и ДДП родителство, се поставуваат основи за развој на заедничка „ДДП култура“ во поддршката на децата и семејствата.
Преку практичен пристап, групна работа и размена на искуства, родителите и згрижувачите учат како да изградат сигурна приврзаност со детето и како да останат емоционално достапни дури и во предизвикувачки ситуации.
„Децата кои доживеале трауматски релации во раното детство имаат потреба од пристап кој директно ја адресира нивната внатрешна несигурност и недоверба. Дијадната развојна психотерапија се фокусира токму на односот и помага детето повторно да се почувствува безбедно“, вели Ким Голдинг, обучувачка и водечки експерт во областа на ДДП.
Обуките се реализираат во рамки на регионалниот проект „Право на семејство II“, чија цел е унапредување на системот за грижа за деца без родителска грижа преку развој на услуги во заедницата, јакнење на капацитетите на професионалците и поддршка на семејствата. Ова е особено значајно бидејќи децата со трауматски искуства често се движат низ повеќе институции, па усогласениот пристап е клучен за нивниот развој.