Кај „Лимак“ менува сообраќајот, една улица станува еднонасочна

Од Јужен булевар повеќе нема да може да се врти лево кон улицата кај Тутунски комбинат, а дел од улиците ќе добијат еднонасочен режим.

Град Скопје воведува нов сообраќаен режим на улиците што се приклучуваат кон подземната сообраќајница под комплексот „Лимак“. Со измените, од Јужен булевар повеќе нема да може да се врти лево кон улицата што води кај Тутунски комбинат.

Според најавите, движењето на таа улица ќе биде во спротивна насока, од Тутунски комбинат кон Јужен булевар, за влез во подземната сообраќајница. Возилата што од Јужен булевар ќе се движат кон Кисела Вода ќе треба да ја користат улицата што минува кај кафеаната „Ив“, која исто така ќе биде еднонасочна.

На овој потег е предвидено и поставување семафор за вртење лево и приклучување кон улицата „Есенинова“, од каде сообраќајот продолжува кон општина Аеродром. Градежните работи за проширувањето и новиот режим треба да завршат до крајот на месецот.

Со реконструкцијата, делот кај крстосницата на улицата „11 Октомври“, од Центар кон Кисела Вода и Тутунски комбинат, од три ленти се сведува на две. Проектот за првата фаза од подземната сообраќајница чини 77 милиони денари, односно околу 1,2 милиони евра.

Подземната сообраќајница под „Лимак“ е дел од подолгогодишниот проект за булеварот „Македонија“, кој треба да помогне во растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје и подобро поврзување кон Кисела Вода и Аеродром. Град Скопје претходно информираше дека улицата „Есенинова“ е изградена како врска меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Трета македонска бригада“, со цел да се намали метежот кај Тутунски комбинат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс