Сончево и топло до 32 степени, попладне можни поројни дождови и град

Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност и температури до 32 степени. Попладне на повеќе места се очекуваат нестабилности со дожд, грмежи и засилен ветер.

По свежото утро, денеска во земјава ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност, а максималната дневна температура ќе достигне до 32 Целзиусови степени. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во попладневните часови ќе има услови за локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град.

Утринските температури ќе се движат меѓу 9 и 15 степени, додека дневните ќе бидат во интервал од 20 до 32 степени.

Во Скопје времето ќе биде претежно сончево со мала до умерена облачност. Попладне во одделни делови од котлината се очекува локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер, а температурата ќе достигне до 30 степени. Метеоролозите најавуваат дека променливото време ќе продолжи и во наредните денови. Во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со повремени врнежи и грмежи.

Особено во четврток, под влијание на циклонска активност, се очекуваат поинтензивни атмосферски процеси со пообилен дожд, засилен ветер, електрични празнења и услови за локална појава на град.

Граѓаните се советуваат да ги следат временските прогнози и предупредувања, особено доколку планираат активности на отворено во попладневните часови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс