Сѐ поголем број луѓе заболуваат од меланом и други форми на рак на кожа, а експертите предупредуваат дека една од главните причини е прекумерното изложување на сонце и користењето солариум. Според најновите проценки, бројот на случаи на рак на кожа во Европа до 2050 година би можел да се зголеми за речиси 40 проценти.
Дерматолозите предупредуваат дека и покрај честите апели, многу граѓани и понатаму не користат заштитен фактор при изложување на сонце, а дел од нив веруваат и во опасни митови поврзани со сончањето. Една од најчестите заблуди е дека солариумот ја подготвува кожата за летување.
Докторката Ирдина Дрљевиќ, специјалист по дерматолошка онкологија, објаснува дека солариумот не ја штити кожата, туку напротив – го зголемува ризикот од оштетувања и меланом. Таа посочува дека UV-A зраците од солариумот продираат длабоко во кожата, го уништуваат колагенот, го забрзуваат стареењето и негативно влијаат на имунитетот на кожата.
Според неа, солариумот е класифициран како канцероген, а дури и едно користење пред 30-тата година може значително да го зголеми ризикот од појава на меланом. Најопасен е токму меланомот, но доколку се открие навреме, шансите за излекување се речиси целосни.
Докторката предупредува и на дезинформациите на социјалните мрежи, каде често се шират тврдења дека кремите со заштитен фактор се штетни. Таа нагласува дека SPF кремите имаат важна улога во заштитата на кожата и ДНК клетките од оштетување.
„SPF 15 штити околу 93 проценти, SPF 30 околу 97 проценти, а SPF 50 околу 98 проценти од штетните зраци. Но тоа не значи дека може подолго да се остане на сонце“, објаснува Дрљевиќ, додавајќи дека кремата треба правилно да се нанесува и да се обновува на секои два часа.
Таа потенцира дека изгореници може да се добијат и во облачни денови, особено кога облаците се тенки и температурите се високи. Дополнително предупредува дека оштетувањата од сонце, особено оние во детството, оставаат трајни последици.
„Колку повеќе изгореници има во раното детство, толку е поголем ризикот подоцна во животот. Нашата ДНК ги памети оштетувањата“, вели докторката.
Експертите советуваат редовни самопрегледи на кожата и дерматолошки преглед најмалку еднаш годишно, особено кај луѓе со голем број бемки или семејна историја на заболувања на кожата. Раното откривање, велат лекарите, е најсилното оружје во борбата против меланомот.