Собранието со 59 гласа „за“ и девет „против“ вечерва го усвои Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, со кој се воведуваат построги правила за работењето на приредувачите на игри на среќа и дополнителни мерки за заштита на граѓаните.
Една од најзначајните новини е обврската казината, обложувалниците и другите објекти за игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Со ова законско решение, според предлагачите, треба да се намали изложеноста на младите на коцкањето. Законот предвидува и строги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа. Ќе биде забрането поставување реклами на излозите на објектите каде што се приредуваат игри на среќа, како и реклами што коцкањето го претставуваат како пат до личен успех, богатство или финансиска добивка.
Дополнително, секој апарат за игри на среќа ќе мора да биде опремен со ГПС-систем за геолокација, што ќе ѝ овозможи на Управа за јавни приходи континуирано следење и контрола на нивната работа.
Новото законско решение предвидува и забрана за мултиплицирање на лиценците, воведување нови финансиски давачки за отворање уплатно-исплатни места, како и зголемување на банкарските гаранции што треба да ги обезбедат приредувачите на игри на среќа. Во законот се вградени и препораките на MONEYVAL за зајакнување на механизмите за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Пратеникот Антонио Милошоски на социјалните мрежи соопшти дека усвојувањето на законот е дел од пошироките реформи за построга регулација на секторот и зголемена контрола врз неговото работење. Предлог-законот беше утврден од Владата минатиот месец и претставува едно од клучните законски решенија со кои се најавува засилена контрола и ограничување на влијанието на игрите на среќа во јавниот простор.