Снимателот на телевизиската мрежа Ал Џезира, Ахмед Вишах, загина во израелски воздушен напад врз куќа во бегалскиот камп Бурејџ во централниот дел на Појасот Газа. Според локалните извори, во денешните израелски напади низ Газа загинале најмалку десет лица.Ал Џезира во соопштение остро го осуди убиството на својот соработник, кој работел за каналот „Ал Џезира Мубашер“.
„Ова претставува ново и флагрантно кршење на меѓународното право и нормите, како и продолжување на систематската политика на таргетирање новинари и замолчување на вистината“, наведоа од медиумската куќа.
Пред два месеца загина и неговиот брат
Смртта на Ахмед Вишах доаѓа само два месеца по убиството на неговиот брат, Мохамед Вишах, кој исто така загина во израелски напад врз истиот бегалски камп. Според палестинската цивилна заштита, Мохамед бил убиен на 8 април додека со автомобил се враќал кон својот дом.
Израелската армија следниот ден соопшти дека ликвидирала „клучен терорист во одделот за производство на ракети и оружје на Хамас“, но не објави докази што би го поткрепиле тоа тврдење.
Работеше за Ал Џезира од 2018 година
Ахмед Вишах е роден во 1986 година во бегалскиот камп Бурејџ и од 2018 година беше дел од тимот на „Ал Џезира Мубашер“, сервисот на арапски јазик кој емитува програма во живо. По смртта на неговиот брат, неговите колеги во Газа организираа комеморација во негова чест.
Повеќе од 260 загинати новинари од почетокот на војната
Според податоците на Комитетот за заштита на новинарите, од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година досега загинале повеќе од 260 палестински новинари. Најмалку 12 од убиените новинари биле вработени или соработници на Ал Џезира.