Објавени резултатите за прием на бруцоши во студентските домови

Министерството ги соопшти листите за пет града, а одбиените кандидати можат да поднесат приговор во рок од 10 дена.

Министерството за образование и наука ги објави резултатите од Конкурсот за сместување бруцоши во студентските домови за академската 2026/2027 година. Списоците со примените студенти од прва година се објавени на официјалната интернет-страница на министерството и на огласните табли во студентските домови во Скопје, Битола, Охрид, Прилеп и Штип. Студентите што не се задоволни од исходот имаат законско право на приговор пред да стапат во сила конечните решенија за вселување.

Кандидатите кои сметаат дека се оштетени при бодувањето или не се наоѓаат на прелиминарните списоци имаат право на жалба. Според одредбите од конкурсот објавен во јули, приговорите не се поднесуваат електронски ниту во архивата на министерството, туку исклучиво во студентскиот дом за кој студентот аплицирал.

Рокот за доставување на документацијата за приговор изнесува 10 дена од денот на објавувањето на прелиминарните резултати. По разгледувањето на приговорите од страна на комисиите во секој дом поединечно, установите ќе ги истакнат конечните листи за сместување.

Студентите кои добија легло во некој од државните или приватните домови мора да ги почитуваат утврдените рокови за вселување. Правото на престој се стекнува со потпишување на договор за сместување со управата на соодветниот студентски дом.

Вселувањето започнува од денот на потпишувањето на договорот, а крајниот рок за сместување е најдоцна 10 дена по објавувањето на конечниот список. Доколку студентот не се всели и не го потпише договорот во предвидениот период, се смета дека се откажал од доделеното легло, по што местото се пополнува од редот на следните рангирани кандидати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс