Македонскиот хип-хоп музичар Марко Маринковиќ – Слаткаристика порача дека не дозволил негативните реакции околу документарниот филм за неговата кариера да го поколебаат, откако неодамна проектот се најде во фокусот на јавноста.
На прес-конференцијата по повод концертот „Слаткаристика и пријателите“, кој ќе се одржи на 2 август на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, тој изјави дека, и покрај критиките, филмот „Слушни ме“ ќе биде нешто со кое ќе се гордее.
„Откако изминативе денови истурија една кофа измет врз мене за филмот, можам да кажам дека ќе бидеме горди на него“, рече Слаткаристика.
Тој додаде дека од негативните коментари се штити со дистанцирање од социјалните мрежи и фокусирање на поддршката што ја добива од луѓето кои го следат неговото творештво.
Документарниот филм „Слушни ме“, во режија на Радован Петровиќ и продукција на „ОХО продукција“, треба да ја има својата премиера до крајот на годината. Проектот претходно доби поддршка од Агенцијата за филм, но екипата подоцна соопшти дека се откажува од доделените средства по реакциите во јавноста.
Концертот во Охрид ќе биде дел од одбележувањето на 20 години кариера на Слаткаристика, а на сцената ќе му се придружат Калиопи, Тони Зен, Некст Тајм, Тајзи, Дупер, Пајак, Зи Бомб, Цоби, Криско и други музички имиња.
Тони Зен на прес-конференцијата симболично го нарече собирот на сцената „Одмаздници 2026“, оценувајќи дека македонската музичка сцена во моментов доживува силен подем.
Организаторите најавуваат спектакл со голема продукција на најголемиот македонски празник – Илинден, а билетите се веќе пуштени во продажба преку мрежата „Купи карта“.