Слаѓана Вујошевиќ ќе ја претставува Македонија на „ReActing as a Star“ во Словенија

Македонската актерка Слаѓана Вујошевиќ е избрана меѓу дванаесет актери од регионот кои ќе учествуваат на петтото издание на меѓународната платформа „ReActing as a Star 2026“ во Крањ, Словенија.

Платформата ќе се одржи од 12 до 14 јуни и ќе собере актери од Југоисточна Европа, европски кастинг директори, агенти и филмски професионалци.

„ReActing as a Star“ има цел да создаде простор за нови професионални контакти, меѓународна соработка и поголема видливост на актерите од регионот на европската филмска сцена.

Вујошевиќ, заедно со останатите избрани учесници, ќе има можност да се претстави пред водечки кастинг директори од Европа, како и да учествува на индивидуални средби, работилници, мастер-класови и панел-дискусии.

Фокусот на програмата е градење меѓународна актерска кариера, подобро позиционирање на регионалните актери и отворање нови можности за соработка во филмската индустрија.

Учеството на Слаѓана Вујошевиќ е значајно признание за нејзината работа, но и потврда дека македонските актери сè поактивно се присутни на регионалната и европската сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс