Во галеријата „КО-РА“ во Скопје на 14 септември беше отворена изложбата „Скопски стрипосестри 2026“, посветена на женското стрип-творештво и на развојот на стрип-културата во Македонија.
Проектот е организиран од ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ и Здружението „Стрип центар – Стрипот може“ од Велес.
На изложбата со свои дела се претставија визуелните и мултидисциплинарни авторки Дона да Видра, Евгенија Трајковска и Ангела Петрушевска. Тим-лидер на проектот е Томе Трајков, а куратор е Иван Станчевски.
Според Томе Трајков, претседател на Здружението „Стрипот може“, поставката нуди увид во визуелното раскажување и во развојот на стрип-културата кај нас.
„Ако пред околу три децении се зборуваше дека во списанието „Лифт“ биле објавени кратки стрипови од две авторки, кои се појавувале под псевдонимите Псило и Вентолина – едната цртачка, а другата сценаристка – во 2010 година ликовната уметница Иванка Апостолова беше единствената авторка од Македонија вклучена во регионалниот проект „Антологија на женскиот стрип“ на уредничката и авторка Ирена Јукиќ Прањиќ“, наведува Трајков.
Денес, додава тој, секој што ја следи балканската стрип-сцена и стрип-фестивалите може да забележи дека панел-дискусиите и програмите посветени на женскиот стрип прераснаа во значаен тренд.
„Се формираат посебни здруженија и мрежи на женски стрип, како на пример „Стрипотетки“, а темата станува присутна на сè поголем број фестивали“, вели Трајков.
Според него, без оглед на тоа дали концептот „женски стрип“ ќе се смета за оправдан како посебна категорија, неговото значење треба да се согледува во поширокиот контекст на развојот и афирмацијата на македонскиот стрип, во земјата и надвор од неа.
Трајков смета и дека кај авторките често е понагласена трпеливоста во самиот процес на создавање и подготвување на едно стрип-дело.
Изложбата „Скопски стрипосестри 2026“ со тоа го отвора и прашањето за видливоста на авторките на домашната стрип-сцена, но и за местото на женското авторство во поширокиот развој на македонската визуелна култура.