Skopje Pride Weekend 2026 се отвора на 30 мај во 20:30 часот во Музејот на современа уметност со изложбата „Анархични тела: Согласност да не се биде едно“. Влезот е слободен, а отворањето најавува фестивалско издание кое телото не го гледа како завршена форма, туку како процес, отпор и простор на постојано менување.
Изложбата тргнува од прашањето што се случува кога телото ќе одбие да биде сведено на една стабилна функција, форма или идентитет. Наместо тело што мора да се вклопи во доминантниот општествен и политички поредок, „Анархични тела“ предлага тело што мисли, се движи, се распаѓа, се поврзува и повторно се создава.
Тело што не се затвора во себе
Во фокусот се новосоздадени дела на Јане Чаловски, Христина Иваноска, Дарко Алексовски, Клелија Живковиќ, Ѓорѓи Десподов, Јован Јосифовски, Тереза Лазарев и Александра Петрушевска. Нивните дела ја истражуваат телесноста како релација, афект, линија и отворена структура.
Телото во оваа поставка не е само биологија, ниту само идентитет. Тоа е средба со други тела, технологии, простори и средини. Телото е фрагментирано, прекршено, изложено, но токму затоа и живо, политичко и непослушно.
Куратор на изложбата е Славчо Димитров
Куратор на изложбата е Славчо Димитров, а по отворањето следува музичка селекција на Дарко Јорданов од Stereolab Radio.
Skopje Pride Weekend 2026 е во организација на Коалиција Маргини, во партнерство со ЛГБТИ Центарот за поддршка. Фестивалот е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Heartefact, како и со поддршка од повеќе меѓународни организации и партнери.