Скопје Прајд: Видливоста е право, но сè уште носи ризик

Годинашниот Скопје Прајд ја отвори двојната порака на мотото „Сите нека знаат“ – потребата ЛГБТИК+ заедницата да биде видлива, но и несигурноста што таа видливост сè уште ја носи.

Денес Скопје повторно беше град во боите на еднаквоста. Под мотото „Сите нека знаат“, започна осмото издание на Скопје Прајд, протестен марш кој низ центарот на главниот град испрати порака за видливост, солидарност и отпор кон дискриминацијата.

Но годинашниот слоган не зборува само за потребата ЛГБТИК+ луѓето да бидат видливи. Тој зборува и за ризикот што таа видливост сè уште го носи во општество каде системската заштита останува недоволна, а предрасудите често се посилни од институционалните гаранции.

Александар Димитриевски од организацискиот одбор на Skopje Pride, во изјава за Трн, вели дека мотото годинава ја носи токму таа двојна порака.

„Годинава слоганот на парадата е ‘Сите нека знаат’. Тој ја комуницира потребата за видливост на ЛГБТИК+ заедницата, но во исто време ја комуницира и системската несигурност. Всушност, експонирањето на ЛГБТИК+ заедницата носи големи предизвици за самата заедница. Голем дел од младите луѓе сè уште можат да останат бездомни поради тоа што се експонирани. Токму затоа овој слоган ги носи двете пораки во исто време – и ги комуницира во отсуство на систем кој би ги заштитил овие луѓе и оваа заедница“, изјави Димитриевски за Трн.

Парада што не бара дозвола за видливост

Собирот започна кај Фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк, по што учесниците го започнаа маршот низ централните градски улици. Поворката се движи низ дел од највидливите скопски сообраќајници, претворајќи го градот во простор на јавна поддршка, но и на јасна политичка порака.

Скопје Прајд од самиот почеток има двојна улога – да биде и протест и прослава. Прослава на постоењето, заедништвото и храброста. Но, пред сè, протест против дискриминацијата, говорот на омраза, институционалната рамнодушност и општествените притисоци со кои ЛГБТИК+ луѓето се соочуваат секој ден.

Затоа Парадата на гордоста не може да се сведе само на „шарена поворка“. Таа е потсетник дека јавниот простор им припаѓа на сите. И дека правото да се биде виден не треба да биде привилегија, туку основен дел од слободно и демократско општество.

„Сите нека знаат“ како одговор на тишината

Годинашната порака доаѓа во време кога прашањата за човековите права, родовата еднаквост и заштитата од дискриминација повторно се предмет на политички и јавни судири. Во таков контекст, „Сите нека знаат“ не е само слоган за на транспарент. Тоа е порака против замолчувањето.

Сите нека знаат дека ЛГБТИК+ луѓето не се „тема за јуни“, туку граѓани чии права треба да бидат заштитени секој ден. Сите нека знаат дека еднаквоста не е симболичен гест, туку обврска на институциите. Сите нека знаат дека достоинството не смее да зависи од нечие мнозинско расположение.

Но токму видливоста, која за едни значи слобода, за други сè уште може да значи ризик. За многу млади ЛГБТИК+ луѓе, јавното кажување кои се може да значи конфликт со семејството, губење дом, изолација или страв од насилство. Затоа Прајдот не зборува само за симболика, туку за конкретни животи и конкретни последици.

Кој стои зад борбата за видливост?

Скопје Прајд е организиран од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, која со години ги обединува организациите, активистите и поддржувачите што работат на унапредување на правата на ЛГБТИК+ луѓето во земјава.

Во поширокиот прајд-контекст значајно место има и „Викенд на гордоста – Скопје“, фестивал за квир уметност, култура и теорија, кој годинава беше отворен со групната изложба „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ во Музејот на современата уметност.

Токму оваа врска меѓу маршот, културата и активизмот покажува дека Прајдот не е еднодневен настан. Тој е дел од подолга борба за видливост, самозастапување и право на постоење надвор од стегите на нормите што одредуваат кој смее да биде гласен, видлив и прифатен.

Скопје како тест за еднаквоста

Денешниот марш е уште еден тест за Скопје. Не само како град што може да организира јавен настан, туку како град што треба да покаже дали има место за сите свои жители.

Парадата на гордоста не бара посебни права. Таа бара правата што постојат на хартија да станат реалност. Бара безбедност, еднаквост, достоинство и институции што нема да молчат кога некоја заедница е изложена на омраза, исмевање или исклучување.

Скопје денес маршираше во боите на еднаквоста, но пораката на Прајдот не завршува со крајот на поворката. Таа продолжува во секој разговор, секоја институционална одлука, секоја училница, секое работно место и секој јавен простор каде некој сè уште се прашува дали е безбедно да биде тоа што е.

Под мотото „Сите нека знаат“, седмата Парада на гордоста испрати јасна порака: видливоста не е провокација. Видливоста е право. Но додека таа видливост за дел од заедницата сè уште значи ризик, борбата за еднаквост не е завршена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс