Со изложби, модна ревија и уметнички пораки за мир и заедништво, денеска во Скопје ќе биде одбележан Меѓународниот ден на музеите, кој годинава е посветен на улогата на музеите како мостови меѓу културите и заедниците.
Во Музејот на Македонија ќе биде отворена изложбата „Вода: Од исконски верувања до современ пулс“, авторски проект на Јован Шурбаноски и коавторката Александра Папазовска. Поставката преку археологија, етнологија и уметност го истражува значењето на водата, од основен извор на живот до симбол со духовна, културна и општествена димензија.
Организаторите посочуваат дека изложбата прикажува како водата низ историјата влијаела врз развојот на заедниците, секојдневниот живот, занаетите, спортот и политичките процеси. Изложбата ќе ја отвори директорот на Музејот на Македонија, Александар Ристевски.
Во Археолошкиот музеј посетителите ќе можат да ја проследат инклузивната модна ревија „Модата во минатото“, инспирирана од историското и културното наследство. Во рамки на настанот ќе биде достапна и постојаната Нумизматичка поставка со околу 2.500 монети, кои го опфаќаат периодот од VI век пред нашата ера до XX век.
Меѓународниот ден на музеите ќе биде одбележан и во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, каде е поставена изложба на детски ликовни творби создадени во рамки на проектите „Холокаустот низ призмата на детските очи“ и „Холокауст култура на сеќавање“.
На изложбата се претставени 78 цртежи – 65 од Македонија и 13 од Србија – реализирани во соработка со организацијата „Хавер Србија“. Преку детските дела се испраќаат пораки за мир, инклузија, дијалог и поврзување на различните култури и заедници.
Изложбата ќе биде отворена до крајот на јуни, а влезот за посетителите е слободен.
Меѓународниот ден на музеите се одбележува повеќе од 45 години секој 18 мај, со цел да се нагласи значењето на музеите како простори на културата, меморијата и општествениот дијалог.