Скопје домаќин на светски дипломати и уметници: Почнува Форумот за културна дипломатија 2026

Во Скопје денеска свечено се отвора 4. Форум за културна дипломатија 2026, на кој ќе учествуваат дипломати, политичари, уметници и експерти од повеќе европски земји и САД.

Скопје денеска ќе биде центар на меѓународниот културен и дипломатски дијалог со свеченото отворање на 4. Форум за културна дипломатија Скопје 2026, кој годинава се одржува под мотото „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“.

Форумот ќе се одржи во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а организатори се Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институт за културна дипломатија, со поддршка на Министерството за култура и туризам и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

На форумот ќе присуствуваат дипломати, политичари, експерти, културни работници и јавни личности од Северна Македонија, САД, Германија, Франција, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора. Во рамки на отворањето ќе се одржи панел-дискусија на тема „250 години подоцна: Демократијата, културната моќ и значењето на глобалниот дијалог во свет во промени“, чиј домаќин ќе биде министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Настанот се организира и по повод 250 години од основањето на Соединетите Американски Држави, а организаторите велат дека фокусот ќе биде ставен на улогата на културната дипломатија во градењето доверба, стабилност и меѓународна соработка во услови на засилени геополитички промени. Свои обраќања на отворањето ќе имаат и в.д. амбасадорката на САД Никол Варнес, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, директорот на Институтот за културна дипломатија Марк Донфрид, како и композиторот Дуке Бојаџиев. Модератор на воведната сесија ќе биде поранешниот амбасадор во САД Васко Наумовски.

Во текот на форумот ќе се одржат повеќе тематски сесии во институции од државно и културно значење. Во Кабинетот на претседателката ќе се одржи дискусија за лидерството и културата како мост меѓу цивилизациите, каде ќе се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Дополнително, во Музеј на Град Скопје ќе се одржи специјална сесија посветена на проектот „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, со учество на министерот за култура Зоран Љутков и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Во пресрет на отворањето, синоќа во претседателската „Вила Водно“ беше организиран прием за учесниците на форумот, каде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го истакна значењето на културната дипломатија како алатка за поврзување на народите и градење меѓународна доверба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс