Скопје денеска е домаќин на Самитот за спортска дипломатија на земјите од Западен Балкан, насловен „Спортска дипломатија: политики, практики и идни можности за стратешка употреба на спортот во унапредување на националните и дипломатските интереси“, во организација на Олимпискиот комитет на Северна Македонија.
Настанот има цел да отвори поширока стратешка дебата за сè позначајната улога на спортот во унапредувањето на националните интереси, јакнењето на меѓународната соработка и продлабочувањето на регионалната поврзаност. Во фокусот ќе бидат современите политики, предизвици и можности за користење на спортот како инструмент за дипломатија и развој.
Во рамки на Самитот ќе биде промовиран и Western Balkan Sport Diplomacy Hub – нова регионална иницијатива насочена кон зајакнување на соработката меѓу олимписките комитети од регионот и афирмација на спортот како средство за градење доверба, партнерства и меѓународни врски.
На конференцијата ќе учествуваат претседатели и генерални секретари на олимписките комитети од земјите од Западен Балкан и поширокиот регион, како и девет амбасадори и високи институционални претставници. Тие ќе дебатираат на две панел-дискусии посветени на актуелните трендови, предизвици и перспективи во спортската дипломатија.
Еден од најзначајните моменти на настанот ќе биде свеченото потпишување на документот за формирање на Регионален центар за спортска дипломатија, како заедничка иницијатива на олимписките комитети од Западен Балкан. Организаторите очекуваат Самитот да постави темели за поинтензивна регионална соработка и за поголемо препознавање на спортот како важна алатка во меѓународните односи.