Владата го усвои предлогот на Министерството за здравство за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош во Скопје, реформа со која се очекува да се подобри ефикасноста на службата и да се намали времето потребно за пристигнување до пациентите во итни случаи. Според планот, досегашната Служба за итна медицинска помош ќе се издвои од рамките на Здравствениот дом Скопје и ќе функционира како посебна здравствена установа со сопствена организација и управување.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека новиот модел ќе овозможи поефикасно користење на ресурсите, подобро буџетско планирање и побрзо носење одлуки при животозагрозувачки ситуации. Дополнително, се очекува да се подобри управувањето со медицинскиот кадар, возилата и опремата.
Во првата фаза реформата ќе се спроведе во Скопје, а подоцна е предвидено постепено вклучување и на останатите служби за итна медицинска помош во државата во рамки на поширок систем на регионални центри. Од Министерството нагласуваат дека не се создава нов систем од почеток, туку се зајакнува и модернизира постојната структура по пример на повеќе земји од регионот, каде итната медицинска помош функционира како самостојна институција со единствени стандарди за работа и обука.
Најавата доаѓа во период кога граѓаните често реагираат на долгото чекање за Брза помош. Според претходни изјави на министерот Алиу, во одредени случаи времето на чекање достигнува и до 30 или 40 минути, што може да биде критично при итни здравствени состојби. Анализите покажуваат дека Скопје се соочува со недостиг од медицински тимови, амбулантни возила и кадар, додека сообраќајниот метеж дополнително ја отежнува работата на службите.
Од Министерството најавуваат дека новиот Центар треба да донесе подобра координација на екипите, поефикасна распределба на ресурсите и побрза обработка на итните повици. Сепак, засега не е соопштен конкретен рок за почеток на функционирањето на институцијата, ниту бројот на нови тимови што ќе бидат ангажирани. Експертите посочуваат дека успехот на реформата нема да зависи само од административните промени, туку и од дополнителни инвестиции во кадар, возила, медицинска опрема и инфраструктура, што ќе биде клучно за реално намалување на времето на интервенција и подобрување на услугата за граѓаните.