Скандалот што ја потресе Енвидија: зошто жените се во насловите, а Хуанг во втор план?

Шефот на најважната компанија за чипови призна дека бил неверен и си замина, но во насловите главната улога ја добија жените. Станува збор за познат медиумски образец, а цената за него ретко ја плаќа мажот.
Фото: EdTech Stanford University School of Medicine/Flickr

Џенсен Хуанг на 8 ноември, во писмо до вработените во Енвидија, призна дека бил неверен и се извини, а четири дена подоцна поднесе оставка. Во меѓувреме, насловите за скандалот со Хуанг низ светот и во регионот почнаа да се вртат околу „мистериозната жена“, наместо околу одлуките на човекот кој 33 години ја водеше компанијата.

Потврдените информации се малку, а наводите се многубројни

Скандалот почна на 29 октомври, кога „Њујорк тајмс“ објави дека Хуанг бил во врска со жена опишана како наводна соработничка на странско разузнавање, поранешна менаџерка во сингапурската компанија Мегаспид. Подоцна „Ројтерс“ и „Њујорк тајмс“ објавија дека имал врска и со висока менаџерка во Енвидија, која му одговарала директно нему, а „Ројтерс“ спомена и уште една вработена.

Потврдени се само неколку факти: признанието на Хуанг, внатрешната истрага, оставката и писмата од Конгресот. Одборот соопшти дека нема причина да верува оти националната безбедност е загрозена. Наводите дека првата жена им помогнала на кинески компании да дојдат до чипови на Енвидија засега се новинарски тврдења без официјална потврда. Дописникот на „Ал Џезира“ забележа дека нема утврдени докази оти Хуанг свесно му помагал на Пекинг.

Насловите ја конструираат фаталната жена, а тој останува генијалец

Само за еден ден, на македонските агрегатори на вести се појавија еден до друг наслови за „жената што го потресе врвот“ на компанијата и за тоа „која е мистериозната“, како и биографски приказни за патот на Хуанг „од мијач на садови до милијардер“.

Таквата поделба не е случајна. Мажот добива приказна за подем и пад, со детство, талент и упорност. Жената добива улога на загатка, заводничка или шпионка. Со формулацијата „жената што го потресе“ одговорноста за случувањата се префрла врз неа, иако одлуките ги носел човекот со најголема моќ во компанијата.

Врската со подредена вработена е вистинскиот проблем од аспект на корпоративното управување. Таа се наоѓа во јасна хиерархиска зависност од својот шеф, поради што одборите ваквите односи ги третираат како потенцијален судир на интереси.

Сцената од концертот на Колдплеј покажа кој ја плаќа повисоката цена

Сличниот случај од јули 2025 година покажа како изгледа таквата нерамнотежа во практика. Камерата на концерт на Колдплеј во Бостон ги сними извршниот директор на технолошката компанија Астрономер, Енди Бајрон, и директорката за човечки ресурси, Кристин Кабот, во прегратка. Снимката за само неколку дена забележа повеќе од 100 милиони прегледи.

Бајрон поднесе оставка. Кабот, по спроведената внатрешна истрага, добила понуда да се врати на работа, но преговарала за заминување. Подоцна, во интервју за „Њујорк тајмс“, изјави дека со месеци била изложена на јавно срамење, вознемирување и закани со смрт и дека се откажала од кариерата за да ја преземе одговорноста. Жена со долга професионална кариера за само неколку дена стана предмет на подбив на целиот интернет.

Прецизноста е поважна од мистеријата

Во овој текст свесно не ги наведуваме имињата на жените. Наводите за нивните улоги не се докажани, а фотографијата и името на наводната „шпионка“ веќе кружат низ порталите без обвинение или судска одлука.


Новинарската задача во ваков случај е да се одвојат потврдените факти од наводите и да се постави прашањето кој ги носел одлуките и со каква моќ располагал. Според повеќе медиуми, Хуанг се согласил да сведочи пред Конгресот, а средбата е закажана за 1 декември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс