Ризикот од деменција расте со бројот на цигари што човек ги испушува секој ден. Ова го покажува голем научен преглед што опфатил податоци за околу 2,8 милиони луѓе и открил дека пушењето е поврзано со поголем ризик од деменција, Алцхајмерова болест и васкуларна деменција.
Според истражувањето, кое го водеа научници од Австралија, пушачите имаат 31 отсто поголем ризик да развијат деменција во споредба со луѓето што никогаш не пушеле. Ризикот од Алцхајмерова болест е поголем за 40 отсто, а од васкуларна деменција дури за 52 отсто.
Васкуларната деменција настанува кога мозокот не добива доволно крв поради оштетени крвни садови. Затоа не изненадува што кај неа поврзаноста со пушењето е најсилна, бидејќи пушењето е еден од најпознатите фактори што ги оштетуваат крвните садови низ целото тело.
Истражувачите забележале јасна врска меѓу бројот на испушени цигари и веројатноста за деменција. Кај луѓето што испушуваат по десет цигари на ден ризикот е поголем за 16 отсто, а кај оние што испушуваат по 20 цигари на ден, односно по една кутија, ризикот се зголемува на 34 отсто.
Авторите истакнуваат дека резултатите покажуваат колку е важно да се зборува и за влијанието на пушењето врз здравјето на мозокот. Досега во јавноста најмногу се зборуваше за штетите што пушењето ги нанесува на срцето и белите дробови и за ризикот од рак.
Истражувањето донесува и охрабрувачка вест. Луѓето што се откажале од пушењето немаат поголем ризик од деменција од оние што никогаш не пушеле, а нивниот ризик е помал од ризикот кај луѓето што продолжуваат да пушат.
Научниците, сепак, објаснуваат дека резултатите не докажуваат директна причинско-последична врска меѓу пушењето и деменцијата. Тие само додаваат нови докази дека откажувањето од цигарите може да помогне да се намали ризикот од оваа болест.
Затоа авторите бараат здравјето на мозокот да стане дел од разговорите за ризиците од пушењето и придобивките од откажувањето. Тие сметаат дека кампањите против тутунот треба да предупредуваат и за влијанието на пушењето врз мозокот и когнитивните способности, како што е помнењето и размислувањето.
Истражувачите препорачуваат на кутиите цигари да се стават и предупредувања за здравјето на мозокот, како и тие информации да се вклучат во програмите за откажување од пушењето. Најавуваат и нови истражувања, кои треба да покажат дали времето кога човек ќе се откаже и колку долго не пуши влијаат врз ризикот од деменција.
