Со оглед на тоа колку човекот влијае врз природата насекаде на Земјата, вистинска реткост е да се најдат речиси недопрени подрачја. Две такви места научниците открија во Тихиот Океан, на Маршалските Острови.
Додека морските екосистеми во другите делови од светот со децении трпат штета, овие два изолирани атоли останале исклучително добро зачувани, со гребени полни со ајкули и риби. Откритието им дава на научниците ретка можност да видат како изгледаат здравите морски екосистеми, врз кои човекот имал многу мало влијание.
Атолите Бикар и Бокак се дел од Маршалските Острови, островска држава во Тихиот Океан. Бикар е оддалечен повеќе од 100 километри од најблискиот населен атол, а Бокак речиси 400 километри од човечките населби. Жителите на Маршалските Острови ги познаваат и ги чуваат овие подрачја со генерации.
Научниците истакнуваат дека Бикар и Бокак не се богатство само за Маршалските Острови, туку и за целата планета. Тие се и подарок од заедницата на атолот Утирик, која со децении, според традицијата, внимателно ги чува овие чувствителни екосистеми.
Научна експедиција во 2023 година ги истражила нивните живеалишта, од самите острови до поголемите длабочини на океанот. Резултатите од истражувањето, објавени неодамна, придонесоа атолите во 2025 година да бидат прогласени за прво национално заштитено морско подрачје на Маршалските Острови.
Научниците забележале 266 групи гребенски риби од 38 фамилии. Вкупната биомаса на риби била поголема на Бокак, а ајкулите сочинувале 26,8 отсто од рибната биомаса на надворешниот гребен на Бикар и дури 33,9 отсто на Бокак. Толку голем удел на ајкули е знак за здрав екосистем, бидејќи како големи грабливци тие се на врвот на синџирот на исхрана.
Подводните дронови забележале 138 групи риби на длабочини до 275 метри, од кои 14 досега не биле забележани на Маршалските Острови. Камерите на поголемите длабочини снимиле уште 79 групи риби. На копно истражувачите регистрирале 17 видови морски птици, 71 трага од морски желки и 132 гнезда, главно на Бикар.
Научниците ги опишуваат атолите како едни од најдобрите еколошки референтни системи. Тие помагаат подобро да се разбере што е изгубено на другите места и даваат основни сознанија потребни за ефикасна заштита и обнова на природата.
Изолираноста, сепак, не ги отстранува сите закани. На двата атоли биле пронајдени и полинезиски стаорци, кои не се природни жители на ова подрачје. Покачувањето на температурата на океанот, бледнеењето на коралите и закиселувањето на морето остануваат опасност без оглед на тоа колку се далеку атолите од населените острови.
Затоа авторите на истражувањето нагласуваат дека изразот „релативно зачувани“ го користат како споредба. Не тврдат дека оддалечените гребени се целосно недопрени или дека во минатото никогаш не биле изложени на нарушувања.
Истата експедиција потоа го посетила и атолот Бикини, исто така дел од Маршалските Острови, каде што американските нуклеарни тестови ги уништија островите и ја загадија природата. Разликата меѓу Бикини и двата речиси недопрени атоли најдобро покажува зошто зачуваните екосистеми на Бикар и Бокак денес служат како вистинско мерило за заштитата на морската средина.
