Сите го користиме, но зошто се вика Bluetooth

Врската со модерната технологија настанала во 1996 година, кога претставници на „Интел“, „Ериксон“ и „Нокиа“ разговарале за заеднички стандард за безжично поврзување.

Кога ги поврзувате безжичните слушалки со телефонот, веројатно не помислувате на викиншки крал. Но токму еден скандинавски владетел од 10 век е заслужен за името Bluetooth, а неговите иницијали се дел и од препознатливото лого.

Станува збор за Харалд Гормсон, познат како Харалд Модрозаби. Според едно од толкувањата, прекарот го добил поради потемнет заб. За инженерите, сепак, поважна била неговата улога во обединувањето на Данска и Норвешка.

Врската со модерната технологија настанала во 1996 година, кога претставници на „Интел“, „Ериксон“ и „Нокиа“ разговарале за заеднички стандард за безжично поврзување. Инженерот Џим Кардач од „Интел“ го предложил Bluetooth како привремено име: кралот поврзувал територии, а тие сакале да поврзат компјутери и мобилни уреди.

Називот требало подоцна да се замени. Во игра биле RadioWire и PAN, кратенка од „Personal Area Networking“. Но PAN веќе бил широко употребуван, а проверката на трговската марка RadioWire не била завршена навреме. Работното име останало и брзо станало препознатливо.

Историската страна на приказната е зачувана во данското гратче Јелинг. Таму, камењата со рунски натписи сведочат за кралската династија и за преминот од старите нордиски верувања кон христијанството.

Поголемиот камен бил подигнат по наредба на Харалд и ги бележи неговите владетелски достигнувања и покрстувањето на Данците. Заедно со двете погребни могили и црквата, спомениците во Јелинг се на листата на светско наследство на УНЕСКО од 1994 година.

А највидливата врска со кралот ја носиме на сопствените екрани. Логото на Bluetooth е составено од две споени руни што ги претставуваат латиничните букви H и B — иницијалите на Harald Bluetooth.

е-Трн да боцка во твојот инбокс