Широк Сокак добива пешачки семафори, плоштадот „Гоце Делчев“ станува пешачка зона

Во Битола се поставуваат пешачки семафори на Широк Сокак кај плоштадот „Гоце Делчев“, а просторот што се користеше како паркинг ќе биде претворен во пешачка зона.

Во Битола се реализираат активности за поставување пешачки семафори на преминот кај плоштадот „Гоце Делчев“ на Широк Сокак, со цел да се олесни и обезбеди преминувањето на пешаците преку оваа фреквентна сообраќајница.

Активностите се спроведуваат во период кога улицата не е затворена за сообраќај. Деновиве, по полноќ, ЈП „Паркинзи“ врши бележење на коловозот, согласно основниот сообраќаен проект за воведување светлосна сигнализација на крстосниците на улицата „Широк Сокак“ со улиците „Димитар Илиевски Мурато“ и „Солунска“.

Работите се изведуваат во ноќните часови за да не влијаат врз секојдневното движење на граѓаните и сообраќајот во центарот на градот.

Освен кај плоштадот „Гоце Делчев“, се работи и на поставување пешачки семафори кај Камен мост, со што и на овој премин треба да се обезбеди побезбедно движење, особено во летниот период кога фреквенцијата на пешаци е поголема.

Според проектната документација, планирано е и плоштадот „Гоце Делчев“, кој досега се користеше како паркинг-простор, да биде претворен во пешачка зона. Тоа значи дека таму повеќе нема да се паркираат возила, а просторот ќе биде наменет за пешаци.

Преку граѓански форуми, жителите ќе имаат можност да ги изнесат своите мислења и предлози за разубавување на плоштадот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс