По добивање согласност за локација за закопување, АХВ ќе продолжи со депопулација на животните во новите жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе. Досега се усмртени над 1.400 животни, а вчера беше спроведена депопулација и во Сопот, со примена на механички метод за евтаназија.
АХВ вчера одржа работна средба со здруженија на одгледувачи на овци, каде ги презентираше моменталната епидемиолошка состојба и мерките во тек, а претставниците на сточарите добија и информации за биосигурносните мерки што треба да ги применуваат во сопствените одгледувалишта.

Во засегнатите одгледувалишта, АХВ спроведува попис и убивање на сите животни под официјален надзор, нештетно отстранување на мршите, простирката и потенцијално контаминираните материјали, како и целосна дезинфекција на просториите и опремата. Воведена е и забрана за движење и превоз на овци и кози во и од заштитните зони, освен за колење во одобрени објекти, при што животните мора претходно да бидат клинички прегледани.
Сирово млеко и производи од овци и кози од засегнатите зони можат да се стават во промет само по термичка обработка на 72°C во времетрање од 15 минути. Забранета е работата на добиточни пазари и изложби на целата територија на земјата, а на сите сточари им се наложува ограничување на непотребно движење на лица и возила во и од одгледувалиштата, со задолжителна примена на биосигурносни мерки. Повторно населување на животни во засегнатите одгледувалишта е забрането шест месеци од укинувањето на мерките.
Болеста не е опасна за луѓето, потврдуваат од АХВ, но предизвикува значителни економски загуби кај сточарите.