Сингапур воведе нови насоки според кои учениците кои малтретираат други деца, вклучително и преку интернет, ќе може да бидат казнети со тепање. Мерката е опишана како крајна и ќе се применува само за момчиња постари од девет години, а казната може да изнесува до три удари со стап.
За новите правила се расправало во сингапурскиот парламент, каде министерот за образование Дезмонд Ли изјави дека тепањето ќе се користи само ако сите други мерки се покажат како недоволни, имајќи ја предвид тежината на прекршокот.
Новите мерки доаѓаат по едногодишна ревизија на системот за справување со врсничкото насилство, која била покрената по неколку случаи на малтретирање во училиштата што минатата година предизвикале големо внимание во јавноста.
Тепањето како „крајна мерка“
Министерот Ли рече дека училиштата ќе мора да следат строги протоколи за да се осигура безбедноста на учениците. Според него, тепањето ќе мора да го одобри директорот на училиштето, а казната ќе може да ја спроведуваат само овластени наставници.
При одлучувањето, како што наведе, ќе се земаат предвид фактори како зрелоста на ученикот, тежината на случајот и прашањето дали казната би му помогнала да ја разбере сериозноста на својата постапка. По извршувањето на казната, училиштето ќе треба да ја следи добросостојбата и напредокот на ученикот и да му обезбеди советодавна поддршка.
Ли појасни дека тепањето ќе се применува само за момчиња во повисоките одделенија од основното образование, односно од 9 до 12 години, како и за постари ученици. Тој се повика на казнениот закон на земјата, кој забранува тепањето на жени.
За ученичките, според него, ќе се применуваат други казни, како задржување во училиште по наставата, суспензија, намалување на оценката за поведение и други дисциплински мерки.
Меѓународни организации против телесното казнување
Судското тепање, кое во Сингапур го вовеле британските колонизатори во 19 век, и денес се применува за машки сторители помлади од 50 години, за кривични дела како грабеж, измама или прекршување на правилата за престој во земјата.
Но, меѓународните организации, меѓу кои и УНИЦЕФ, се противат на секоја форма на телесно казнување на деца, предупредувајќи дека таквите практики можат да имаат штетни последици врз физичкото и менталното здравје и со текот на времето да ги зголемат проблемите во однесувањето.
Светската здравствена организација во извештај објавен минатата година наведе дека телесното казнување и понатаму е „алармантно распространето“ во светот. Според проценките на СЗО, околу 1,2 милијарди деца годишно се телесно казнувани во своите домови.