Силен земјотрес ги погоди Филипините: Загинати лица, голема материјална штета и предупредување за цунами

Моќен земјотрес ги погоди јужните делови на Филипините, при што загинаа најмалку три лица, а издадени се предупредувања за цунами. Пријавени се урнати објекти и значителна материјална штета.

Најмалку три лица загинаа, а четири се повредени откако силен земјотрес го погоди јужниот дел на Филипините, соопштија локалните власти. Земјотресот предизвика значителна материјална штета, а веднаш по потресот беа издадени предупредувања за можна појава на цунами.

Според германскиот Центар за геонауки (GFZ), земјотресот имал јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала и бил регистриран на длабочина од околу 10 километри. Претходните проценки ја наведуваа магнитудата како 8,2 степени.

Епицентарот бил во близина на островот Минданао, во јужниот дел на Филипините. По силниот потрес, филипинската сеизмолошка агенција Фиволкс (Phivolcs) предупреди на можни цунами-бранови повисоки од еден метар, кои би можеле да траат неколку часа.

Предупредување за цунами издаде и индонезиската агенција БМКГ (BMKG), која ја процени магнитудата на земјотресот на 7,7 степени. Првичните снимки и фотографии објавени на социјалните мрежи покажуваат урнати објекти, оштетена инфраструктура и голема материјална штета во погодените подрачја. Засега нема целосна проценка на последиците, а спасувачките екипи се на терен.

Началникот на полицијата во градот Алабела, во покраината Сарангани, Бенџи Анчета, изјави дека потресот бил почувствуван исклучително силно. Тој посочи дека веднаш по земјотресот се појавиле пукнатини на зградата на локалната полициска станица.

„Ова е најсилниот земјотрес што некогаш сме го почувствувале“, изјави Анчета за агенцијата Ројтерс.

Силен потрес бил почувствуван и во северните делови на Индонезија. Жителите на градот Манадо сведочат дека земјата се тресела неколку секунди, предизвикувајќи паника меѓу населението. Филипините се наоѓаат во таканаречениот Пацифички огнен прстен, една од најсеизмички активните области во светот, каде што земјотресите и вулканските ерупции се честа појава. Најсилниот регистриран земјотрес во историјата на земјата се случил во 1918 година и имал магнитуда од 8,3 степени според Рихтеровата скала.

е-Трн да боцка во твојот инбокс