Што вели науката за топлес, градници, боксерки и сè што под нив се грее, се поти и се движи

Мажот нема да стане неплоден затоа што носи тесни гаќи, ниту боксерките сами од себе ќе му донесат деца. На градите им треба поддршка кога болат или го ограничуваат движењето. На тестисите им одговара да не се прегреваат. На кожата ѝ одговара да биде сува и чиста. А можеби на општеството најмногу му треба помалку гледање под туѓата облека во потрага по „доказ“ дека цивилизацијата пропаѓа. Човечкото тело преживеало милиони години без жица, push-up, еластични ленти и брендови на долна облека. Ќе го преживее и ова лето. Прашањето е само дали ќе ги преживее коментарите под текстовите.

Секое лето, штом температурите ќе надминат 30 степени, повторно започнува „онлајн конгресот“ на експерти за јавна голотија. Без котизација, без научни трудови и без пријавување конфликт на интереси – но со многу цврсти мислења.

Дали маж смее без маица во продавница? Дали бикини е градска униформа? Дали жена без градник е слободна или непристојна? Храбра или едноставно ѝ е жешко?

Во овие летни расправи обично се мешаат културата, естетиката, хигиената, сексуалноста и личниот вкус. А кога луѓето не можат да се договорат околу вкусот, повикуваат на помош медицината. Наводно, градникот е здрав… или нездрав? Жицата во него ја запира лимфата… или не? Неносењето ги зацврстува градите. Тесните машки гаќи ја уништуваат плодноста.

Науката, сепак, е многу помирна. Не ја интересира дали нечиј стомак или гради изгледаат подобро под маица, чипка или без ништо. Не ја интересира дали машкото тело се оцртува под тесни гаќички. Ја интересира дали нешто предизвикува болка, иритација, промени во температурата или вистински здравствен ризик.

И одговорите најчесто се многу помалку драматични од интернет-митовите.

Од корсет до спортски градник

Луѓето не измислиле долна облека затоа што телото било „неисправно“, туку затоа што телото е меко, подвижно, се поти и бара поддршка. Со векови градите биле подигнувани, стегани и обликувани според идеалите на времето. Корсетот бил и моден симбол и потпора, но често и непријатен компромис.

На почетокот на 20 век корсетот почнува да исчезнува, а се појавуваат првите модерни градници. Во 1914 година Мери Фелпс Џејкоб го патентира „Backless Brassiere“ – еден од важните претходници на денешниот градник. Најинтересниот момент во еволуцијата на градникот доаѓа во 1977 година, кога е создаден првиот спортски градник „Jogbra“, направен од два машки суспензори за спорт, сошиени заедно.

Идејата била едноставна: ако еластичната ткаенина може да го држи машкиот интимен дел стабилен, можеби може да ги држи и женските гради при движење.

Дали градникот предизвикува рак?

Еден од најраспространетите митови е дека тесните градници, особено оние со жица, ја блокираат лимфата и предизвикуваат рак на дојка. Науката не го потврдува тоа. Лимфниот систем не е цевка која може едноставно да се „затне“. Градникот може да притиска, да остава траги или да биде непријатен, но нема докази дека предизвикува создавање рак.

Големо истражување на повеќе од 1.500 жени не пронашло поврзаност меѓу ракот на дојката и носењето градник, бројот на часови носење, жицата или возраста кога жените почнале да го носат. Тоа значи: жицата што ве боцка е добра причина да смените модел но не и причина за паника.

Ниту спиењето со градник не е докажано дека го спречува опуштањето на градите, но не е докажано ниту дека е опасно. За некои жени е удобно, особено со поголеми гради, а за други е чувство како да легнале со сигурносен појас.

Може ли градникот „да ја победи гравитацијата“?

Не. Градникот може да ги подигне градите додека се носи, да ја намали тежината и болката, но нема доказ дека трајно го зачувува нивниот облик. Опуштањето на градите зависи од возраста, генетиката, бременоста, пушењето, телесната тежина и големината на градите. Ниту неносењето градник не ги „зајакнува“ градите. Градите не се мускул кој ќе стане посилен со вежбање.

Најсилните научни докази за користа од градникот не се поврзани со рак или изглед, туку со движењето. При трчање, скокање или спорт, градите се движат во повеќе насоки, што може да предизвика болка и непријатност.

Добар спортски градник го намалува движењето на ткивото и може да им помогне на жените полесно да вежбаат. Но премногу тесен градник исто така може да биде проблем. Целта не е телото да се „спакува“, туку да има доволно поддршка без ограничување на дишењето.

„Јајцата“ сакаат свеж (и ладен) воздух

Откако завршивме со градите и нивната вечна борба со гравитацијата, приказната природно се спушта еден кат подолу. Таму каде што човештвото има многу имиња, но биологијата има само едно: тестиси.

Јајца, мадиња, cojones, семејни драгоцености, „онаму долу“ – како и да ги нарекувате во домашниот речник, тие имаат еден поинаков проблем од градите. Нивниот најголем непријател не е паѓањето, туку загревањето. Причината е едноставна: тестисите се еден од ретките делови од човечкото тело кои не се сместени внатре, туку надвор од главната телесна „кутија“.

Тоа не е дизајнерска грешка, иако на прв поглед може да изгледа како еволуцијата да направила прилично чуден избор. Тестисите се наоѓаат во скротумот затоа што производството на сперматозоиди најдобро функционира на температура неколку степени пониска од температурата во остатокот од телото.

Со други зборови: додека целиот организам сака топлина, тестисите сакаат малку посвежа клима.

Еволуцијата затоа направила комплициран „систем за ладење“. Кај машкиот фетус тестисите првично се развиваат во стомачната празнина, приближно на местото каде што кај женскиот фетус се развиваат јајниците. Потоа, пред раѓањето, тие патуваат надолу низ препонските канали и завршуваат во кожна вреќичка меѓу нозете. Можеби не е најелегантното решение, но функционира.

Скротумот, всушност, е мал биолошки климатизер. Не е само обична кожна вреќичка, иако визуелно понекогаш изгледа како еволуцијата овој дел од телото да му го дала на практикант на првиот работен ден. Во него има мускули кои ги приближуваат тестисите кон телото кога е студено и ги оддалечуваат кога е топло. Кожата се собира и опушта, потењето помага во ладењето, а крвните садови разменуваат топлина за температурата да остане оптимална. Проблемот настанува кога човек цел ден ќе го претвори тој природен систем за вентилација во мала сауна. Тесни фармерки, тесни гаќи, синтетика која не „дише“ и часови седење можат да ја намалат циркулацијата на воздух и да ја зголемат температурата околу тестисите.

Едно истражување кое ја мерело скроталната температура при различни видови долна облека покажало дека поприпиената облека е поврзана со повисока температура. Тоа звучи како лесна победа за боксерките над тесните гаќички. Но, како и секогаш во биологијата, работите не се толку едноставни.

Дали боксерките навистина „ја спасуваат“ машката плодност?

Едно истражување на 656 мажи кои се јавиле во центар за лекување неплодност покажало дека оние кои најчесто носеле боксерки имале просечно 25 отсто поголема концентрација на сперматозоиди и 17 отсто поголем вкупен број сперматозоиди во споредба со оние кои носеле потесна долна облека. Звучи како реклама за боксерки.

Но науката има една непријатна навика: бара да не скокаме веднаш до заклучок.

Ова е поврзаност, а не доказ дека токму боксерките ја направиле разликата. Луѓето сами избираат долна облека, а со тој избор можат да бидат поврзани и други работи, возраста, телесната тежина, работата, физичката активност, времето поминато седејќи, посетувањето сауна или други животни навики.

Дополнително, истражувањето било направено кај мажи кои веќе имале проблеми со плодноста, па резултатите не можат едноставно да се пренесат на целата машка популација. И уште поважно: подобар спермограм не значи автоматски и поголема шанса за бременост. Повеќе сперматозоиди не се исто што и повеќе деца. Биологијата не функционира како едноставна табела со резултати.

Во други истражувања кај парови кои се обидувале да забременат, изборот на долна облека бил поврзан само со мали и неконзистентни разлики во параметрите на спермата, но не и со времето потребно за да дојде до бременост.

Значи: боксерките можат да бидат разумен избор ако некој сака помалку топлина и повеќе удобност. Но не се терапија за неплодност и не се текстилна верзија на медицински потпомогната репродукција.

Меко или тврдо варени?

Топлината сепак не треба да се потценува. Во една мала студија, повтореното изложување на висока температура во финска сауна привремено го намалило бројот и подвижноста на сперматозоидите, како и некои показатели поврзани со создавањето сперма. Добрата вест е дека по прекинот на изложувањето, промените се повлекле.

Сличен принцип важи и за многу топли бањи, работа во екстремно топли услови или долготрајни високи температури, сè што може да го претвори скротумот во мал приватен термален центар.

Затоа, народната мудрост „лади ги јајцата“ има малку повеќе научна основа отколку што би очекувале.

Нема потреба од војна против полиестерот

Кога ќе се соберат сите истражувања, заклучокот е многу помалку драматичен од интернет-предупредувањата. Изборот на долна облека може да влијае на температурата и на некои параметри на создавање сперматозоиди, но доказите не се доволно силни за да кажеме дека еден модел прави маж плоден, а друг неплоден. Нема потреба синтетичките гаќи да завршат во оган во ритуал за повикување машка моќ.

Ако гаќите се премногу тесни, потни и непријатни тоа е сосема доволна причина да се заменат. Не затоа што полиестерот тајно го напаѓа ДНК-пакетот на сперматозоидите, туку затоа што телото едноставно сака удобност.

Колку текстил навистина му треба на здравјето?

По сите митови, останува еден малку антиклимактичен, но научно чесен заклучок: Поголемиот дел од долната облека не е ниту лек ниту отров. Не го спасува телото, но ниту го уништува. Нејзината главна работа е многу попрактична: да го намали триењето, влагата, непријатноста и несаканото движење.

Кај мажите, најчестите проблеми не се големите интернет-катастрофи, туку многу поприземни работи: потење, иритации, осипи, габични инфекции и непријатен мирис. Помагаат едноставни работи: соодветна големина, чиста и сува облека, пресоблекување после тренинг и материјал што му одговара на човекот.

Памукот е удобен и впива влага, но останува влажен подолго. Современите спортски материјали подобро ја одведуваат потта, но кај некои луѓе можат да предизвикаат иритација или да ги задржат мирисите како архив на сите тренинзи од последната деценија.

На крајот, и градниците и боксерките имаат иста задача: не да го поправат човечкото тело, туку да му помогнат полесно да функционира. А најважниот научен совет за лето можеби е и наједноставниот: Не го прегревајте телото. И оставете им малку воздух на деловите што очигледно го бараат.

А што со топлес на улица?

Тоа веќе не е медицинско прашање. Дали некој ќе оди без маица или без градник е прашање на култура, правила, бонтон и локални норми. Медицината нема аргумент дека жената ќе добие рак ако носи градник, ниту дека градите ќе „пропаднат“ ако еден ден не го стави.

Мажот нема да стане неплоден затоа што носи тесни гаќи, ниту боксерките сами од себе ќе му донесат деца. На градите им треба поддршка кога болат или го ограничуваат движењето. На тестисите им одговара да не се прегреваат. На кожата ѝ одговара да биде сува и чиста.

А можеби на општеството најмногу му треба помалку гледање под туѓата облека во потрага по „доказ“ дека цивилизацијата пропаѓа. Човечкото тело преживеало милиони години без жица, push-up, еластични ленти и брендови на долна облека. Ќе го преживее и ова лето. Прашањето е само дали ќе ги преживее коментарите под текстовите.

Превземено од BUG.Hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс