Цената на дизелот во Германија достигна историски рекорд

Според пресметките на здружението, од последната ескалација на Блискиот Исток нето-цената на дизелот е зголемена за околу 60 евроценти

Цената на дизелот на германските бензински станици достигна нов историски максимум. Според пресметките на Германскиот автомобилски клуб АДАЦ, литар дизел во четвртокот во просек чинел 2,471 евро, што е речиси два евроценти повеќе од претходниот ден, кога цената изнесувала 2,453 евра.

По сегашната цена, за полнење резервоар од 50 литри се потребни 123,55 евра, односно околу 7.600 денари. За разлика од дизелот, бензинот „супер Е10“ забележал минимално намалување и во просек се продавал по 2,308 евра за литар.

Зголемувањето на цените се поврзува со воената ескалација на Блискиот Исток и во Персискиот Залив, како и со нарушувањата во снабдувањето и растот на цената на суровата нафта на меѓународните пазари. Од АДАЦ, сепак, оценуваат дека движењето на цената на нафтата и девизниот курс не го објаснуваат целосно поскапувањето на германските пумпи.

Најголем притисок чувствуваат транспортните компании. Германското здружение за товарен транспорт и логистика БГЛ во отворено писмо до канцеларот Фридрих Мерц побара државна помош и воведување пониско оданочен „стопански дизел“.

Според пресметките на здружението, од последната ескалација на Блискиот Исток нето-цената на дизелот е зголемена за околу 60 евроценти. Камион што поминува приближно 10.000 километри месечно поради тоа создава дополнителен трошок од околу 1.800 евра. За компанија со 50 камиони тоа би значело повеќе од еден милион евра дополнителни годишни трошоци.

Превозниците бараат и укинување на, како што велат, двојното оптоварување со давачки за јаглеродните емисии. Тие предупредуваат дека продолжувањето на ваквата состојба може сериозно да ја загрози ликвидноста на малите и средните транспортни компании, а повисоките трошоци на крајот да се пренесат врз цените на производите.

Канцеларот Мерц најави дека владата наскоро ќе претстави мерки за намалување на товарот врз граѓаните и стопанството. Во владејачката коалиција, сепак, сè уште нема согласност за решението. Дел од политичарите бараат намалување на даноците за горивата, додека други предлагаат ограничување на цените или воведување данок на дополнителната добивка на енергетските компании.

е-Трн да боцка во твојот инбокс