Јаневска: Сексуалното образование им е потребно на младите, програмата може да биде вратена по ревизијата

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека лично ја прочитала програмата и дека не пронашла спорни содржини

Програмата за Сеопфатно сексуално образование може повторно да биде вратена во средните училишта откако Бирото за развој на образованието ќе ја заврши најавената стручна ревизија.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостување на МРТ 1 изјави дека лично ја прочитала програмата и дека не пронашла спорни содржини. Таа, сепак, побарала дополнително разгледување од стручни лица по реакциите што се појавија во јавноста.

Јаневска нагласи дека етиката и моралот не се во спротивност со знаењето што им е потребно на младите за здрав и правилен развој. Според неа, учениците треба да научат како да се заштитат од сексуална агресија, сексуално преносливи инфекции и несакана бременост.

Потребата од вакво образование, како што рече, ја потврдуваат податоците за онлајн насилството и малолетничките бремености, како и ризиците на кои младите се изложени во секојдневниот и дигиталниот простор.

Министерката најави дека МОН и Бирото за развој на образованието ги следат коментарите и јавните дебати што се водат во медиумите и на социјалните мрежи. Стручната ревизија треба да покаже дали се потребни измени пред програмата повторно да им биде понудена на средношколците како изборен предмет.

Одлуката за нејзино повлекување беше донесена минатата недела по реакции од дел од јавноста. Граѓанската организација ХЕРА тогаш порача дека вниманието треба да биде насочено кон заштитата на младите од вознемирување, насилство и злоупотреба.

Сеопфатното сексуално образование не се сведува единствено на информации за сексуалните односи. Неговата цел е младите да добијат знаења за здравјето, личните граници, согласноста, безбедноста, одговорните односи и препознавањето различни форми на насилство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс