Четири децении творештво на Благоја Маневски на ретроспективна изложба во МСУ

Изложбата го претставува творечкиот пат на Благоја Маневски од 1985 до 2025 година, четиридецениски период обележан со уметничко истражување

Ретроспективната изложба „Благоја Маневски: 40 години творештво“ ќе биде отворена на 23 септември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје.

Изложбата го претставува творечкиот пат на Благоја Маневски од 1985 до 2025 година, четиридецениски период обележан со уметничко истражување, експериментирање и постојано преиспитување на границите на уметничкото дело.

Посетителите ќе имаат можност да го проследат развојот на Маневски, почнувајќи од неговите рани сликарски искуства и апстрактни истражувања, преку создавањето објекти и просторни интервенции, до концептуалните инсталации и перформативните форми.

Во неговото творештво се испреплетуваат сликарството, цртежот, фотографијата, објектот, инсталацијата, амбиентот и хепенингот. Преку овие различни медиуми, Маневски развива препознатлив визуелен јазик во кој традицијата, просторот, материјата и личното искуство се наоѓаат во постојан дијалог.

Неговата работа ја одбележуваат силна авторска позиција и континуирана потреба да се преиспитува што сè може да претставува уметничко дело. Во неа се нагласуваат енергијата на раката, телото и материјата, како тивок, но моќен отпор кон забрзувањето и технолошкото посредување во современата визуелна култура.

Благоја Маневски е роден во 1957 година и во текот на својата кариера учествувал на значајни национални и меѓународни уметнички манифестации, меѓу кои Југословенската документа, Биеналето на млади југословенски уметници во Риека и Венециското биенале. Со својата повеќедецениска работа тој зазема значајно место во развојот на македонската современа уметност.

Кураторки на изложбата се Лилјана Неделковска и Натали Рајчиновска-Павлеска, додека координатор на проектот е Благоја Варошанец.

Во рамките на изложбата ќе биде објавено и обемно монографско издание посветено на Маневски, кое содржи авторски текстови од Лилјана Неделковска, Натали Рајчиновска-Павлеска, Бојан Иванов и Валентино Димитровски.

Изложбата е дел од годишната програма на Музејот на современата уметност – Скопје, поддржана од Министерството за култура и туризам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс