Реставрирана монументалната слика „Тешкото“ од Никола Мартиноски, создадена пред повеќе од 70 години

Во Лабораторијата за уметничка технологија, конзервација и реставрација на уметнички дела – CARE Lab при Факултетот за ликовни уметности во Скопје, заврши конзерваторско-реставраторскиот третман на монументалната слика „Тешкото“ од Никола Мартиноски, создадена во периодот од 1952 до 1953 година.

Станува збор за масло на платно со впечатливи димензии од 350,8 × 99,6 сантиметри, додека заедно со рамката делото достигнува должина од 365,5 сантиметри.

Сликата е во сопственост на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Современи методи за зачувување на културното наследство

Конзерваторско-реставраторскиот третман завршил во октомври 2026 година, во рамките на проектот „Конзервација на сликата „Тешкото“ – зачувување на културното наследство“.

Проектот е финансиран од средствата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ наменети за информативни, културни, спортски, студентски сервиси и други активности за 2026 година.

При третманот биле применети принципите на таканаречената зелена и одржлива конзервација, со користење водени системи за чистење и минимални интервенции врз оригиналното дело.

Целта на ваквиот пристап е да се зачува материјалниот интегритет на сликата, со примена на современи конзерваторски методологии.

Поврзување на науката и заштитата на уметничките дела

Реализацијата на проектот има значење и за високото образование, бидејќи овозможува поврзување на научните сознанија со практичната работа во областа на конзервацијата и реставрацијата.

Конзерваторско-реставраторскиот третман бил спроведен под менторство и раководство на м-р Марија Сотировска-Богдановска, доцент, и м-р Маријета Сидовски, насловен доцент и виш конзерватор-реставратор.


Со завршувањето на третманот е направен значаен чекор во зачувувањето на „Тешкото“, дело на еден од најистакнатите претставници на македонската модерна уметност, Никола Мартиноски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс