Наградуваниот холандски роман „Ние сме светлина“ објавен на македонски јазик

Дебитантскиот роман на Херда Блејс во превод на Ели Пујовска и издание на Антолог отвора приказна за комуна што живее само од светлина и музика

Издавачката куќа Антолог од Скопје го објави дебитантскиот роман „Ние сме светлина“ од холандската писателка Херда Блејс, во превод на македонски јазик на Ели Пујовска. Книгата е издадена во рамките на проектот „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“ и веќе е достапна во книжарниците.

Дејството на романот почнува во една летна ноќ, кога умира Елизабет, најстарата членка на комуната „Звук и љубов“. Нејзините тројца цимери веднаш завршуваат во притвор. Истрагата открива дека членовите на заедницата донеле радикална одлука да престанат да консумираат храна и да опстојуваат единствено од светлина, музика, воздух и љубов.

Инспирирана од вистински настан, Блејс ги преместува протагонистите од маргините на општеството директно во улога на осомничени во кривична постапка. Приказната ја следи границата меѓу духовното трагање, потребата за припаѓање и самоуништувањето, при што авторката избегнува едноставни морални пресуди.

Наместо класичен сезнаечки раскажувач, „Ние сме светлина“ функционира преку 25 различни перспективи. Своите видувања за трагедијата ги споделуваат членовите на заедницата, нивните родители, соседите и адвокатите.

Необичноста на наративот лежи во тоа што Блејс им дава глас и на неживите предмети и апстрактните поими. Во истрагата сведочат и ноќта, сомнежот, лебот, мирисот на портокал, па дури и самото мртво тело на Елизабет, при што секој раскажувач додава по еден детал во сложувалката.

Романот „Ние сме светлина“ (во оригинал „Wij zijn licht“) првично е објавен во 2020 година и веднаш го привлече вниманието на критиката. Во 2021 година книгата ги освои Наградата на холандските издавачки куќи и Наградата за литература на Европската Унија, а беше номинирана и за престижната холандска награда „Либрис“. Во 2025 година, англискиот превод на делото се најде во потесниот избор за Даблинската книжевна награда.

Авторката Херда Блејс, родена во 1985 година, студирала сликарство и визуелни уметности, работела како предавач и истражувала лингвистички теми. Пред овој роман, таа дебитираше со збирка куси раскази во 2017 година и објави поетска книга во 2018 година.


Македонскиот превод го потпишува Ели Пујовска (1971), дипломиран преведувач на Универзитетот во Ајндховен, која повеќе од една деценија преведува дела од холандски и белгиски автори и е добитничка на наградата „Златно перо“ за преводот на „Розата и вепарот“ од Ане Провоуст. Објавувањето на книгата е поддржано од програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“, Холандската фондација за литература и Министерството за култура на РС Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс