Високите трошоци за живот го намалија задоволството од животот во Германија

Баварија првпат го презеде врвот на германскиот Атлас на среќата за 2026 година, но младите, семејствата и граѓаните со ниски примања се помалку задоволни од лани.

Високите трошоци за живот и економската несигурност го намалија просечното животно задоволство во Германија од 7,09 на 7,00 поени на скала до десет, покажува новиот Атлас на среќата за 2026 година. Иако Баварија првпат се искачи на првото место пред досегашниот лидер Хамбург, податоците од анкетата на Институтот за демоскопија Аленсбах откриваат значителен пад кај младите, поголемите семејства и граѓаните со пониски примања.

Високите трошоци за живот и економската несигурност го намалија просечното животно задоволство во Германија од 7,09 на 7,00 поени на скала до десет, покажува новиот Атлас на среќата за 2026 година. Иако Баварија првпат се искачи на првото место пред досегашниот лидер Хамбург, податоците од анкетата на Институтот за демоскопија Аленсбах откриваат значителен пад кај младите, поголемите семејства и граѓаните со пониски примања.

Истражувањето за годинешниот Атлас на среќата (СКЛ-Глуксатлас) го спроведе Институтот за демоскопија Аленсбах во периодот од јули 2025 до јуни 2026 година. Во анкетата учествувале 12.461 испитаник низ цела Германија, кои го оценувале своето лично чувство на среќа на скала од нула (воопшто незадоволни) до десет (целосно задоволни).

Баварија за првпат е најсреќната сојузна покраина во Германија и го смени досегашниот лидер Хамбург. На второто место се искачи Северна Рајна-Вестфалија, која напредуваше за две позиции во однос на претходното рангирање.

Истражувачите го објаснуваат првото место на Баварија со стабилните услови за живот, односно со повисоките примања, ниската стапка на невработеност и малата стапка на криминал. Надвор од поширокото подрачје на Минхен, трошоците за живот во многу делови од оваа покраина се сè уште релативно умерени. Во јуни годинава, при рангирањето на градовите во рамки на истото истражување, на првото место се најде Ерфурт.

Спротивно на југот, северот на земјата бележи забележителен пад на чувството на среќа. Во Хамбург, задоволството од животот опаѓа особено кај младите луѓе и кај граѓаните со ниски примања.

Слична состојба е регистрирана и во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн. Таму падот на животното задоволство најмногу ги погодува пензионерите и лицата со пониски месечни приходи. На национално ниво, финансискиот притисок најтешко го чувствуваат младите, поголемите семејства и самохраните родители.

Демографските трендови дополнително влијаат врз општото расположение во германското општество, бидејќи големите животни настани што носат исчекување и радост стануваат поретки. Во 2026 година се регистрирани 15,4 отсто помалку раѓања и 6,6 отсто помалку склучени бракови во споредба со 2020 година.

„Со тоа стануваат поретки и поводите за позитивни очекувања од иднината, кои уште денес можат да го зголемат животното задоволство“, наведуваат авторите на студијата. Според податоците, само 27,5 отсто од Германците очекуваат дека во наредната година ќе бидат посреќни отколку денес.

Вкупниот пад на просекот не произлегува од нагло зголемување на бројот на незадоволни граѓани, чиј удел пораснал минимално од осум на девет отсто. Пресудно е намалувањето на уделот на високо задоволни граѓани, кој паднал од 48 на 44 отсто.


„Сè повеќе Германци се умерено задоволни од својот живот. Тоа се должи на фактот што опаѓа уделот на високо задоволните, додека бројот на незадоволните речиси не се зголемува“, изјави Бернд Рафелхишен, научен раководител на Атласот на среќата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс