Поврзување на институциите, бизнис-секторот, универзитетите и иновациските центри, размена на искуства и отворање нови можности за економска и технолошка соработка беа во фокусот на посетата на делегацијата од Министерството за регионална соработка на Државата Израел и Даром иновацискиот центар на Македонија.
Делегацијата, предводена од Гилад Шадмон, генерален директор и Соња Ишенко, шеф на кабинет во Министерството за регионална соработка на Државата Израел, како и Ран Сасон, извршен директор, и Ељашив Минерби, оперативен директор на Даром иновацискиот центар, во текот на посетата остварија низа средби со македонски институции, локални самоуправи, академската заедница и претставници на бизнис-секторот.
Домаќин на посетата беше Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, а директорката Даниела Димовска на средбите ги претстави приоритетите на Агенцијата и можностите за развој на партнерства со израелски институции и организации.
„Израел е препознатлив како еден од најдинамичните иновациски екосистеми, особено во делот на поврзувањето на науката, технологијата, претприемништвото и бизнисот. За нас е важно искуствата и моделите што функционираат таму да ги разгледаме во контекст на нашите потреби и потенцијали, но и да создадеме конкретни канали за соработка меѓу компаниите, стартапите, универзитетите и институциите”, истакна директорката на ИНОВА, Даниела Димовска.
Во рамки на посетата, израелската делегација оствари средба со заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитриевски, државен советник во Министерството за образование и наука Светлана Пинева како и со ректорот на ИНОФЕИТ, Владимир Атанасовски. Разговорите беа насочени кон можностите за институционална и академска соработка, развој на човечкиот капитал, технологиите и поддршката на иновациските потенцијали.
Програмата продолжи со состанок со Парламентарната група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Државата Израел, со што беше опфатена и парламентарната димензија на билатералната соработка. На средбата се разговараше за можностите за понатамошно продлабочување на односите и размена на искуства од значење за двете земји.
Посебен дел од програмата беше посветен на локалниот економски развој и директното поврзување со бизнис-секторот. Во Кавадарци, делегацијата беше пречекана од градоначалникот Митко Јанчев, кој го претстави економскиот потенцијал на општината и регионот. Средбата продолжи во М6 Едукативниот центар, каде што пред израелските претставници се претставија компании од регионот, нивните производи, потенцијали и развојни планови.

Делегацијата се сретна и со градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, при што беа разгледани потенцијалите за локален економски развој и можностите за соработка во областа на иновациите и претприемништвото.
За време на престојот беа реализирани и посети на Холокауст Меморијалниот центар на Евреите од Македонија, Музеј на македонската борба за самостојност, како и на Тиквешкиот вински регион, со што програмата опфати и културно поврзување и запознавање со локалните економски потенцијали.
ИНОВА ја цени поддршката и институционалната координација од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во реализацијата на посетата, како и придонесот на Општина Кавадарци, градоначалникот Митко Јанчев и М6 Едукативниот центар во успешното реализирање на програмата и срдечното гостопримство кон израелската делегација.
Како следен чекор се очекува продолжување на разговорите со партнерите од Израел и идентификување конкретни форми на соработка во областите на иновациите, претприемништвото, технологијата, истражувањето и развојот и локалниот економски развој.