Најстариот и еден од најпрестижните тениски турнири во светот, Вимблдон, не е само борба за трофеи, туку и за совршена спортска исхрана. Додека најдобрите тенисери се натпреваруваат на теренот, стотици спортисти бараат посебно прилагодени оброци што ќе им помогнат да издржат повеќечасовни мечеви.
Главниот фокус оваа година е ставен на здравјето на дигестивниот систем, а играчите сè почесто бараат храна богата со пробиотици, открија организаторите на турнирот.
Комбуха, кимчи и храна за подобро варење
Џо Фербер, висок менаџер за храна и пијалаци на Вимблдон, изјави дека тенисерите сè повеќе избираат намирници како комбуха, мешунки, кимчи и други пробиотички производи. „Здравјето на цревата и пробиотичките производи се многу барани. Свесни сме за тоа и се грижиме да го следиме трендот“, изјавил Фербер за „Гардијан“.
Главниот готвач Сем Кент, пак, вовел и дивеч на менито, особено месо од елен. Според него, ова месо е избрано поради високата хранлива вредност и големата количина протеини.
Суши за појадок – омилениот избор на тенисерите
Едно од најбараните јадења меѓу играчите е сушито, особено она со пастрмка од потоци во Хемпшир.
„Сушито е секогаш популарно кај играчите, апсолутно е број еден. Не можеме да направиме доволно – едноставно го обожаваат“, открил готвачот Кент.
На Вимблдон работи и постојан тим суши-готвачи кои подготвуваат оброци во текот на целиот ден, вклучувајќи ги и раните утрински часови.
Тестенини со торта – необична комбинација за енергија
Меѓу необичните барања на тенисерите е и јадењето тестенини со парче торта одозгора. Иако комбинацијата изгледа необично, таа обезбедува брза енергија потребна за долги и исцрпувачки натпревари. Организаторите на Вимблдон посветуваат внимание и на одржливоста, па голем дел од намирниците се набавуваат од британски производители.
На менито има: киноа од северен Велс, маточина од локални извори и чиа семки од британски земјоделци.
Целта е намалување на влијанието врз животната средина, но и обезбедување свежа и квалитетна храна за спортистите. За врвните тенисери, исхраната на Вимблдон е исто толку внимателно испланирана како и нивната тактика на теренот, секој залак треба да помогне за подобра издржливост, концентрација и побрзо опоравување.