Шпанија со гол во 91. минута ја елиминираше Португалија, Роналдо се прости од Светските првенства

epa13093065 Players of Spain celebrate after winning the FIFA World Cup 2026 Round of 16 match Portugal against Spain, in Dallas, USA, 06 July 2026. EPA/JEFFREY MCWHORTER

Шпанија се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство, откако во драматичен натпревар во Далас ја совлада Португалија со 1:0. Херој на шпанската репрезентација беше Микел Мерино, кој го постигна единствениот гол во првата минута од судиското продолжение.

Натпреварот воедно означи и крај на една голема ера, бидејќи Кристијано Роналдо претходно потврди дека ова е неговото последно Светско првенство.

Возбудливо прво полувреме

Шпанија подобро го отвори натпреварот и уште на стартот се закани преку Микел Ојарсабал, чиј удар го одбрани голманот Диого Кошта. Португалија возврати преку Жоао Кансело, но сигурен беше и шпанскиот чувар на мрежата Унаи Симон.

Во осмата минута Ојарсабал излезе сам пред голот, но шутираше покрај стативата. Роналдо бараше пенал, но англискиот судија Ентони Тејлор не покажа на белата точка.

Шпанците продолжија да притискаат, а се истакна и Ламин Јамал, чии обиди повторно ги сопре Кошта. Најголемата шанса за Португалија во првиот дел ја имаше Нуно Мендеш, кој во 41. минута ја погоди пречката.

Одлуката падна во судиското продолжение

Во второто полувреме темпото беше нешто помирно, а Португалија остана без повредениот Нуно Мендеш. Шпанија постепено ја презеде иницијативата, но обидите на Педри и Алекс Баена не донесоа резултат.

Кога веќе изгледаше дека натпреварот ќе замине во продолженија, во 91. минута следуваше победничката акција. По брзо изведен слободен удар, Родри го пронајде Феран Торес, кој веднаш му ја проследи топката на Мерино. Играчот од средниот ред втрча зад одбраната и рутински ја испрати топката во мрежата за големо славје на Шпанија.

Во последните моменти Португалија имаше можност да израмни, но Бернардо Силва со удар со глава шутираше над голот.

Со оваа победа Шпанија обезбеди место во четвртфиналето, додека Португалија го заврши настапот на турнирот, а Кристијано Роналдо се прости од настапите на Светските првенства по импресивна репрезентативна кариера.

е-Трн да боцка во твојот инбокс