Шпанија регистрирала 111 потврдени случаи на редок тип на рак поврзан со силиконски импланти на гради, покажуваат податоците на здравствените власти. Според информациите од Шпанската агенција за лекови и медицински производи (AEMPS), станува збор за форма на лимфом познат како анапластичен големоклеточен лимфом поврзан со импланти (BIA-ALCL), кој е ретка форма на не-Хоџкинов лимфом.
Повеќе од 100 потврдени случаи
До 2025 година, агенцијата евидентирала вкупно 111 потврдени случаи, додека од 2012 година наваму биле пријавени 146 сомнителни случаи. Најголем број пријави доаѓаат од автономната заедница Мадрид, по што следуваат Андалузија, Каталонија и Валенсијанска Заедница.
BIA-ALCL не потекнува од ткивото на градите, туку од клетки на имунолошкиот систем кои се развиваат во капсулата на ткиво околу имплантот. Иако е поврзан со импланти, здравствените власти нагласуваат дека станува збор за многу редок случај, со многу низок ризик во однос на бројот на жени кои имаат импланти
Причини сè уште не се целосно познати
Истражувањата укажуваат дека болеста има повеќе фактори: тип на имплант (особено текстурирани), генетски предиспозиции и можни воспалителни процеси.Сепак, експертите од AEMPS и европските здравствени институции нагласуваат дека сè уште не постои дефинитивно утврдена причинско-последична врска.
Овој тип на лимфом е под постојан надзор во рамки на европскиот систем за следење на медицински уреди, со цел рано откривање и подобро разбирање на ризиците. Здравствените власти нагласуваат дека и покрај реткоста, потребно е континуирано следење и унапредување на дијагностиката.